Рокот истекува до крајот на денот и потоа ќе се чекаат уште три дополнителни дена за евентуални барања кои се пратени по пошта, додека комисијата тековно ќе ги разгледува
До сега вкупно 36 училишта поднеле барање за настава со физичко присуство, од кои 15 се средни и 21 се основни училишта. Рокот истекува до крајот на денот и потоа ќе се чекаат уште три дополнителни дена за евентуални барања кои се пратени по пошта, изјави денеска министерката за образование Мила Царовска.
Таа рече дека владината комисија која ќе одлучува по барањата ќе работи тековно на секое барање како ќе пристигне и се очекува на следната владина седница веќе да има и први одлуки за да можат училиштата да ги добијат насоките за наставата која треба да започне за 20 дена.
Но Царовска рече дека и училиштата кои поднеле барања за настава со физичко присуство ќе треба да се подготвуваат и за онлајн-настава бидејќи не се знае како ќе се менува епидемиолошката состојба.
Таа не сакаше да коментира дали некои општини, поради состојбата со ковид, ќе мора да имаат само онлајн-настава, туку рече дека за тоа одлуката ја носи Комисијата.
„Затоа има владина Комисија која ги разгледува барањата. Во неа има претставници од кабинетот на премиерот, МОН и Министерството за здравство и од Комисијата за заразни болести. Барањата се решаваат индивидуално. Поголемите училишта со повеќе ученици се ризик, но не би сакала да ја коментирам владината комисија. Тие треба да донесат одлука. Ние ќе ги спроведеме само одлуките од Владата. Дали во некој град ќе има или не, не е мое да коментирам“,
рече Царовска.
Таа најави дека наскоро ќе бидат објавени и протоколите за школските и за студентските домови.