За месеците април и мај, функционерите ќе земат минимална плата од 14 500 денари. Ова го предвидува уредбата што Владата ја донесе со законска сила за определување на висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор за време на вонредна состојба.
Со уредбата се опфатени претседателот на државата, премиерот, претседателот на Собранието, како и функционерите кои ги именува претседателот на државата, Владата и Собранието.
„Согласно оваа Уредба на избраните, именуваните и назначените лица утврдени во Член 2, за месеците април и мај 2020 година им се исплатува плата во висина на минимална плата утврдена за месец декември 2019 година во Република Северна Македонија, во износ од 14.500 денари. Заштедата по основ на оваа Уредба со која се опфатени 1.165 функционери и 895 директори на втора линија буџетски корисници и на институции кои се финансираат преку блок дотации изнесува околу 240 милиони денари за два месеци“,
информираат од Владата.
На листата се и градоначалниците, директорите како и лицата кои раководат со регулаторно тело, раководители со институции кои вршат дејности од областа на образованието, културата, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, и во институциите кои вршат работи од јавен интерес утврден со закон, а се организирани како агенции, фондови, правни лица со вршење на јавно овластување, јавни установи, јавните претпријатија и акционерските друштва во целосна сопственост на државата.
„Целта на донесената Уредба за определување на висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор на минимална плата во износ од 14.500 денари е обезбедување на средства за имплементација на економските мерки донесени од страна на Владата на Република Северна Македонија за справување со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот“,
информира Владата.
Одредбите од оваа уредба со законска сила се однесуваат и на лицата кои остваруваат плата согласно Законот за административни службеници како државни секретари, генерални секретари, секретарот на Градот Скопје и секретарите на општините.
Не се изземени ниту избраните судии кои остваруваат право на плата согласно Законот за платите на судиите и на избраните јавни обвинители кои остваруваат право на плата согласно Законот за платите на јавните обвинители.