И денеска продолжија партиските прозивки за акцијата на струмичката полиција во магацин каде волонтери пакувале пакети со донации од семејството Заеви.
За ВМРО-ДПМНЕ не станува збор за донации туку за класичен поткуп кој се прави во пресрет на избори.
„Ниту станува збор за ’донации‘ ниту станува збор за ’добротвори‘, станува збор за организиран поткуп во изборни цели, организиран, пакуван и дистрибуиран во време на вонредна состојба заради епидемијата. Во време на полициски час, во време кога граѓаните стравуваат за здравјето и за работните места, полицијата приведува блиски на Заев како го кршат полицискиот час, се движат без дозвола, подготвуваат пакети, ги брендираат со партиски бои, групно се подготвуваат за дистрибуција. Дистрибуција не за помош, туку за масовен поткуп во изборни цели“,
изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Од опозициската партија прашуваат дали има докази за потеклото на производите и уште еднаш го обвинија Вице Заев, братот на лидерот на СДСМ Зоран Заев, дека се заканувал и предизвикувал насилни сцени среде полициската станица во Струмица.
СДСМ, пак, тврди дека на скандалозен начин министерот Наќе Чулев со своите полициски структури се обидел да спречи хуманитарна акција, која трае цел месец и со која ќе се помогне на илјадници загрозени семејства. За владејачката партија, ваквиот начин на однесување потсетува на враќање кон, како што велат, режимот од 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
„И во време криза наместо да помогнат ВМРО-ДМПНЕ и Христијан Мицкоски на секаков начин гледаат како им одмагаат на граѓаните. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не знаат да донираат, да помагаат, да дадат, тие знаат само да грабаат од граѓаните, а парите да завршуваат на лични сметки и во белиот дворец. Граѓаните уште еднаш може да се потсетат на режимското МВРО-ВМРО. Истите манири кои 11 години ги практикуваше режимот. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ денес предводено од Мицкоски“,
велат од СДСМ.
Тие го повикаа Мицкоски и да се откаже од финансирањето на партијата со државни пари за да се помогне во кризата.