Најстариот син на Трамп е првиот член на семејството кој сведочеше во граѓанска тужба. Во четврток се очекува да сведочи неговиот помлад брат Ерик, а следната недела на суд треба да се појават Трамп и неговата ќерка Иванка
Доналд Трамп Јуниор на судењето во Њујорк се обиде да се огради од финансиските малверзации за кои му се суди на неговиот татко, поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
Најстариот син на Трамп е првиот член на семејството кој сведочеше во граѓанска тужба. Во четврток се очекува да сведочи неговиот помлад брат Ерик, а следната недела на суд треба да се појават Трамп и неговата ќерка Иванка.
Доналд Трамп Јуниор (45) беше пријателски расположен и хумористичен откако неговото сведочење беше одложено додека адвокатите на Трамп ги испрашуваа претходните сведоци, пренесува „Гардијан“.
„Требаше да се нашминкам“,
се пошегува тој додека фотографите го фотографираа пред сведочењето.
Замолен да зборува побавно, Трамп Јуниор му рекол на судијата:
„Се извинувам. Се преселив во Флорида, но го задржав темпото на Њујорк“.
На Трамп Јуниор му беа поставени низа прашања за улогите што тој, неговиот татко и поранешниот финансиски директор на Трамп, Ален Вајселберг, ги имале како доверители на „Ревоукабл траст“ (Revocable Trusta) на Доналд Трамп.
Запрашан дали неговиот татко сè уште е управник на фондот, Трамп Јуниор рече:
„Не се сеќавам“.
Тој тврдеше дека не памети многу, вклучително и зошто накратко дал оставка во 2021 година, по што се вратил во фондот.
Тој изјави дека имал автономија да прави што сака, но дека се консултирал со Вајселберг и други.
Доналд Трамп Јуниор е извршен потпретседател во Организацијата Трамп и исто така е обвинет во случајот.
Трамп негираше дека го прекршил законот
Поранешниот американски претседател е обвинет за фалсификување и зголемување на вредноста на својот имот за да ги измами банките и осигурителните компании. Оваа акција е една од многуте што се спроведуваат против Трамп, пишува Гласот на Америка.
Тужбата беше поднесена од њујоршкиот јавен обвинител Летиција Џејмс и ги обвинува Трамп, неговите синови Доналд и Ерик и нивните семејни фирми за зголемување на вредноста на имотот за да добијат подобри услови за заем.
Трамп негираше дека го прекршил законот и постојано ги обвинуваше обвинителот Џејмс и судијата Артур Енгорон за политичка пристрасност.
Обвинителите во овој случај бараат казна од најмалку 250 милиони долари, трајна забрана за Трамп и неговите синови да работат во Њујорк и петгодишна забрана за тргување со недвижности.