Сметаме дека овој предлог ќе го претвори пристапниот процес за членство на Македонија во ЕУ во бескрајна агонија и го доведува во неизвесност и самото започнување на преговорите, велат од партијата по состанокот на извршниот одбор
По ЛДП и Демократскиот сојуз, уште една партија во владината коалиција најави дека ќе излезе од неа доколку биде прифатен францускиот предлог за решение на спорот со Бугарија и почнување на преговорите со ЕУ на Северна Македонија.
Ова од ДОМ го најавија откако денеска извршниот одбор на партијата во проширен состав во разгледувал предлогот што беше објавен во медиумите.
„Раководството на ДОМ едногласно донесе став дека овој предлог е неприфатлив и Владата треба да го отфрли. Отворените прашања со Бугарија треба билатерално да се решаваат во добра волја, заемна почит и согласно европските вредности. ДОМ останува на ставот дека за македонскиот јазик и идентитет не смее да се преговара. Сметаме дека овој предлог ќе го претвори пристапниот процес за членство на Македонија во ЕУ во бескрајна агонија и го доведува во неизвесност и самото започнување на преговорите. Доколку Владата го прифати овој т.н. француски предлог, ДОМ ќе ја напушти Владата и парламентарното мнозинство“,
соопштија од ДОМ.
Ваква најава од ЛДП претходно упати нејзиниот претседател и министер за локална самоуправа, Горан Милевски, додека ставот на Демократскиот сојуз вечерва во „Топ тема“ на Телма ТВ го соопшти генералниот секретар Зоран Димитровски.
- ЛДП на Горан Милевски ќе излезе од владата ако се прифати францускиот предлог
- И Демократскиот сојуз ќе ја напушти владата ако се прифати францускиот предлог
Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, пак, денеска попладне се огласи на Фејсбук порачувајќи дека владата формално нема добиено предлог што е усогласен на ниво на сите 27 земји-членки на ЕУ. Каков и да е, за нас е прифатлив, како што вели премиерот, само доколу има чиста формулација за македонскиот јазик, преговорите да почнат пред внесување на Бугарите во Уставот, а за историја вели само доколу таа не биде критериум во преговарачката рамка.
„Каков и да биде конечниот усогласен текст на францускиот предлог, посочувам дека, за истиот да биде прифатлив за нас, клучни се следниве елементи: чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет; историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка; преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот; цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сè уште не е усогласен со Бугарија; секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Република Северна Македонија“,
наведе Ковачевски.