Не можам да прифатам целокупната моја историја која сме ја учеле во основно и средно училиште сега да се видоизмени и да докажуваме дека тоа била лажна историја што ни ја наметнале комунистите, вели Милевски
Доколку владата го прифати францускиот предлог таков каков што е, најавувам дека ќе си поднесам неотповиклива оставка од член на Владата, наведува лидерот на ЛДП Горан Милевски во интервју за „Топ тема“ на Телма ТВ.
„Ако владата го прифати овој предлог, мене повеќе нема да ми биде место во таква влада, не можам да седам со луѓе кои прифаќаат позиции кои се спротивни на моите размислувања. Не можам да прифатам целокупната моја историја која сме ја учеле во основно и средно училиште сега да се видоизмени и да докажуваме дека тоа била лажна историја што ни ја наметнале комунистите, дека тоа било нешто што не кореспондира со фактите и сега нас Бугарија да ни наметнува нова историја за цар Самуил, за Кирил и Методиј, за свети Климент и Наум и се она што за нас значи вредност, сега ние да се откажеме молкум и да кажеме дека тие се Бугари“,
вели Милевски во интервјуто кое ќе биде емитувано во вечерашната „Топ тема“ на Телма ТВ.
Во врска со францускиот предлог за кој Милевски вели дека ако се прифати таков како што е ќе излезе од владата, премиерот Димитар Ковачевски попладнево се огласи на Фејсбук порачувајќи дека владата формално нема добиено предлог што е усогласен на ниво на сите 27 земји-членки.
Тој е прифатлив за нас, како што вели премиерот, само доколу има чиста формулација за македонскиот јазик, преговорите да почнат пред внесување на Бугарите во Уставот, а за историја вели само доколу таа не биде критериум во преговарачката рамка.
„Каков и да биде конечниот усогласен текст на францускиот предлог, посочувам дека, за истиот да биде прифатлив за нас, клучни се следниве елементи: чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет; историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка; преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот; цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сè уште не е усогласен со Бугарија; секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Република Северна Македонија“,
наведе Ковачевски.