Според последните статистики, досега 82 здравствени работници се заразени, наспроти 52 случаи во неделата за кои информираше министерот за здравство
Арбен Аголи, докторот од Дебар, кој беше меѓу првите заразени здравствени работници од коронавирусот, е излекуван и вечерва, во видео-гостување на ТВ 21, раскажа како ја победил болеста.
„Многу смирено ја примив таа вест. Психички почнав да се подготвувам за тоа што следи, односно за 14 дена самоизолација во домашни услови и примање на терапија, која ми беше препорачана од колегите од Инфективната клиника“,
посочи Аголи.
Тој додаде дека тие како медицински лица на почетокот не ја сфаќале сериозно работата.
„На почетокот ние здравствените работници бевме невнимателни, и покрај тоа што носевме ракавници, маски, користевме средства за дезинфекција, мислам дека не ја сфативме доволно сериозно ситуацијата“,
рече Аголи.
Тој посочи дека е тешко самоизолацијата да се помине во стан. Додаде дека, за време на неговата самоизолација, не дозволил да го фати фобија и стрес, затоа што престојувал во куќа и секој ден работел во дворот.
Покрај Аголи, со коронавирусот беа заразени и други медицински лица од неговата ординација. На 17 март, во изјава за 360 степени, Аголи посочи дека тој и неговите соработници се чувствуваат добро и дека, како медицински лица, присебно се справуваат со ситуацијата. Неколку дена претходно во Дебар и во Центар Жупа беше прогласена кризна состојба, која е се уште во сила, така што градот е во карантин. Сепак, според последните податоци, во Дебар веќе неколку дена не се регистрирани нови случаи на коронавирусот.
Според најновите статистики на Институтот за јавно здравје, во земјава досега се заразени 82 здравствени работници. Во неделата, министерот за здравство Венко Филипче информира дека бројката на заразени медицински лица до тој момент беше 52-ца.