Барањето за премиер Албанец ќе „реши“ дали ќе завршат со успех или ќе завршат разговорите меѓу СДСМ и ДУИ, бидејќи социјалдемократите нема да прифаќаат условувања, пишува Дојче Веле, повикувајќи се на извори од СДСМ. Фокусот се става на денешното продолжение на разговорите.
Според непотврдени информации на Дојче Веле, ако ДУИ не се откаже од тоа барање, разговорите може многу брзо да бидат завршени и во прашање „не се денови, туку ден“, што имплицира дека потенцијалната коалиција СДСМ -ДУИ веќе денес/утре е можеби пред последен испит.
Малата бура што ја предизвика Џафери стивна пред јавноста да добие одговори – дали тоа е негов индивидуален потег, или дел од пошироко сценарио на ДУИ за притисок во разговорите. На календарот на веб -страницата на парламентот пишува дека „за денешниот ден нема закажано пленарни седници и седници на работни тела”, а партиски извори уште синоќа брифираа дека Џафери се откажал од намерата за седница, наводно по консултации со раководството на ДУИ.
Но, потегот на Џафери отвори многу прашања – какви се реално реалациите меѓу СДСМ и ДУИ, дали разговорите се водат за да се дојде до договор или за да не се договорат, имајќи го предвид инсистирањето на ДУИ за премиер Албанец, а наводно и за многу повеќе позиции во владиниот кабинет, како и на други раководни позиции.
Џафери вчера остана на ставот дека е неуставно претседателот да го додели мандатот на некого што нема обезбедено мнозинство во парламентот. Од друга страна, претседателот Стево Пендаровски за денеска во 12 часот најави дека ќе му го врачи мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев. Шефот на државата има сознанија за досегашниот тек на преговорите за формирање мнозинство кои сè уште не се финиширани со договор.
Пендаровски се повика на известувањата од претходниците на Џафери, Стојан Андов (од 2006) и Трајко Вељаноски (2016) со кои тие го информираат претседателот на државата дека Собранието е конституирано со верификација на мандатите и тече рокот за доделување мандат за составување влада.