Информацијата за „360 степени“ ја потврдија од ФФМ, од каде што велат дека за заканата веднаш е известена полицијата, чии екипи за кратко пристигнале на местото и во тек се антитерористички проверки
По дојавата за поставена експлозивна направа, се евакуираат сите патници и персоналот на Меѓународниот аеродром „Скопје“ и се откажани сите летови
Куќата на фудбалот, односно објектот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), утрово е евакуирана откако на електронската пошта на Федерацијата пристигнал мејл со закана дека во зградата е поставена експлозивна направа.

Информацијата за „360 степени“ ја потврдија од ФФМ, од каде што велат дека за заканата веднаш е известена полицијата, чии екипи за кратко пристигнале на местото и во тек се антитерористички проверки.
„Добивме мејл во 8:55 часот. Веднаш е пријавено. Полицијата брзо пристигна и се прават проверки. Зградата е евакуирана и сите вработени се надвор, односно ги следиме процедурите на полицијата“,
ни изјави портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски.
Дојава за поставена бомба утрово пристигнала и на Меѓународниот аеродром „Скопје“ поради што се откажани сите летови.

Според информациите, од аеродромот се евакуираат патниците и повикана е полиција, која треба да изврши антитерористички проверки.
Привремено е затворен и се вршат проверки и во трговскиот центар „Ист гејт мол“, кој претходно беше цел на дојава за поставена експлозивна направа. По извршените проверки тогаш беше утврдено дека станува збор за лажна дојава.
Инаку, во текот на вчерашниот ден беа регистрирани најмногу дојави за бомби, вкупно 49 во основни и средни училишта во Скопје и Куманово. По извршените антирерористички проверки, од Министерството за внатрешни работи соопштија дека станува збор за лажни закани.