Денеска дојави за експлозивни направи има во Основниот суд во Охрид, но и во 19 средни и осум основни училишта во Скопје и едно училиште во Прилеп. По добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки
Министерството за образование и наука им препорача на училиштата кога ќе добијат закана за бомба да организираат онлајн настава, односно учење на далечина наместо целосно да ја прекинуваат наставата тој ден. За да не се губат часови, учениците треба за еден час, колку што им е потребно да се вратат во своите домови, да се приклучат онлајн за да ја следат наставата

И оваа работна недела почна со дојави за поставени експлозивни направи. Денеска цел на дојавувачите се Основниот суд во Охрид, но и неколку основни и средни училишта во Скопје.
Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, вели дека дојавата утрово била добиена на електронска адреса, по што веднаш се преземени мерки за евакуација.
„Денеска во 07:50 часот во СВР Охрид пријавено e дека на електронската адреса на Основен суд Охрид е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиената пријава од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектот и во тек се антитерористички проверки“,
вели Димоски.
На местото се екипи на полицијата, на Службата за итна медицинска помош, како и на Територијалната противпожарна единица.
Објектот е изолиран, а полицијата не дозволува движење возила и пешаци на едниот крак од булеварот „Македонски просветители“.
Дојави за бомби денеска има и во 19 средни и осум основни училишта во Скопје и едно основно училиште во Прилеп.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека учениците се евакуирани и во тек се проверки на објектите.
„Денеска (27.02.2023) до 10:00 часот пријавено е дека на електронските адреси на 19 средни и осум основни училишта во Скопје, едно основно училиште во Прилеп и Основниот суд во Охрид е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“,
информираат од МВР.
Минатата недела дојави за поставени експлозивни направи имаше неколку дена. Во петокот имаше дојави во 16 училишта во Скопје и во едно училиште во Прилеп. По извршените проверки, МВР потврди дека станува збор за лажни дојави.
Претходно Министерството за образование и наука им препорача на училиштата кога ќе добијат закана за бомба да организираат онлајн настава, односно учење на далечина наместо целосно да ја прекинуваат наставата тој ден.
За да не се губат часови, учениците треба за еден час, колку што им е потребно да се вратат во своите домови, да се приклучат онлајн за да ја следат наставата.
Во дописот што МОН го испратил до основните и средните училишта биле посочени и начини за користење на електронските адреси и насоки за зајакнување на контролата за влез и излез во училиштата.
Во меѓувреме, епилог од истрагата за дојавите нема, она што го тврдат од власта е дека сето тоа е хибридна војна и е поврзано со војната во Украина. Вчера премиерот Димитар Ковачевски рече дека има интересни првични резултати, но не откри детали. Како интересен податок што го спомена тој, е тоа што била донесена одлука за префрлање на мејл-серверите на посебни сервери на училиштата, но новите електронски адреси веднаш биле доставени до дојавувачите.