„Кабинетот на претседателот ги почитува насоките на Министерството за внатрешни работи и примената на стандардните протоколи во вакви околности. Претседателот Пендаровски денеска ќе ги извршува редовните работни обврски согласно планираната агенда на активности“, се наведува во ставот од Кабинетот на Пендаровски
За дојавата дека експлозивна направа е поставена и во претседателската резиденција – вила „Водно“, кабинетот на претседателот Стево Пендаровски утрово бил информиран од Министерството за внатрешни работи, потврдија за „360 степени“ од кабинетот.

Оттаму велат дека кабинетот ги почитува насоките и протоколите во вакви околности. Според ставот на претседателскиот кабинет, дојавата нема да ја наруши дневната агенда на Пендаровски и тој денеска ќе ги извршува редовните работни обврски.
„Потврдуваме дека утрово, на 21 февруари 2023 година, од страна на Министерството за внатрешни работи бевме информирани дека има дојава за поставена бомба во местото на домување на претседателот. Кабинетот на претседателот ги почитува насоките на Министерството за внатрешни работи и примената на стандардните протоколи во вакви околности. Претседателот Пендаровски денеска ќе ги извршува редовните работни обврски согласно планираната агенда на активности“,
се наведува во ставот од кабинетот на Пендаровски.
Инаку, утрово дојави за поставени експлозивни направи имаше за 17 локации во Скопје. Заканата беше испратена на електронските адреси на повеќе медиуми, меѓу кои и „360 степени“, но и на мејлот на Министерството за внатрешни работи. Сепак, објектите на медиумите и на МВР не се цел на заканата.
Цел на заканата се Музеј на град Скопје, Природонаучен музеј, Археолошки музеј, Музеј на ММБ, Спомен-куќа на Мајка Тереза, ГТЦ, Ист гејт мол, ТЦ Бисер, Флатирон, Џевахир, Управен суд, Куќа на претседателот – вила Водно, хотел Мериот, хотел Александар палас, СЦ Борис Трајковски, Железничка станица Скопје и ФФМ.
Од МВР за информираа дека веднаш по добиените пријави се преземени мерки и во тек се антитерористички проверки.
Како што може да се види од заканувачката порака таа е испратена од мејлот [email protected].
„Нема да застанеме додека корумпираната власт на СДСМ не се тргне. Властите веќе ЗНААТ што треба да прават, но тоа не го прават. Писмото беше пратено одамна. Затоа денес жртви МОРА да паднат“,
стои во заканата.