Иран денеска соопшти дека разгледува нов предлог на САД, откако извори за светските медиуми наведоа дека Вашингтон и Техеран се блиску до договор за меморандум од една страница за ставање крај на војната
Додека во светските медиуми циркулираат извештаи дека Вашингтон и Техеран се блиску до постигнување договор за прекин на војната, американскиот претседател, Доналд Трамп изјави дека САД ќе го земат збогатениот ураниум од Иран, без да наведе повеќе детали.

На заминување од настан во Источната соба на Белата куќа, Трамп беше прашан од новинарите што ќе се случи со збогатениот ураниум на Иран, на што тој одговори: „Ќе го добиеме“.
Прашан дополнително како САД ќе го сторат Трамп, повтори:
„Ќе го постигнеме тоа, ќе го добиеме“,
изјави американскиот претседател.
Trump, when asked how the U.S. will obtain Iran's uranium: "We're gonna get it." pic.twitter.com/7lwahkXYis
— Open Source Intel (@Osint613) May 6, 2026
Инаку, една од клучните цели на САД за започнување на војната со Иран, како што постојано наведува администрацијата на американскиот претседател, е да се спречи Техеран да развие нуклеарно оружје. Според пишувањето на Ројтерс, Иран поседува повеќе од 408 килограми високо збогатен ураниум.
Иран денеска соопшти дека разгледува нов предлог на САД, откако извори за светските медиуми наведоа дека Вашингтон и Техеран се блиску до договор за меморандум од една страница за ставање крај на војната. Посложените прашања, како е она за нуклеарната програма според изворите, ќе бидат оставени за подоцна.
Иранската новинска агенција Исна ја пренесе изјавата на портпаролот на Министерството за надворешни работи на Иран, Есмаил Багеи, дека Техеран наскоро ќе го достави својот одговор на предлогот на САД, преку пакистанските посредници.
Пред да биде прашан за збогатениот ураниум, Трамп на друг настан во Овалната соба на новинарите им изјави дека договор со Иран за завршување на војната е многу можен, наведувајќи дека двете страни имале многу добри разговори во изминатите 24 часа.
Повторувајќи ги своите вообичаени тврдења дека Иран е очаен и дека сака да склучи договор и дека САД ја добиле војната откако ги десеткувале иранските воени капацитети, американскиот претседател додаде дека ако Техеран не се согласи сега, ќе се го стори тоа за кратко време.
„Имаме работа со луѓе кои навистина сакаат да постигнат договор. Ќе видиме дали можат да постигнат договор што е задоволителен за нас…Ќе видиме дали се согласуваат или не. И, ако не се согласат, ќе се согласат набргу потоа. Така одат тие работи“,
рече Трамп, пренесе „Гардијан“.

Тој го повтори своето тврдење дека Иран, меѓу другото, се согласил на условот никогаш да не поседува нуклеарно оружје, позиција која не е потврдена од официјален Техеран.
Американскиот претседател, исто така, за новинарите изјави дека никогаш немало рок за постигнување договор.
Инаку, пакистански и друг извор запознаен со преговорите ги потврдуваат информациите за меморандум од 14 точки за ставање крај на непријателствата, што првично ги објави американскиот портал „Аксиос“. Според изворите, доколку се постигне договор околу меморандумот, по него ќе следат разговори за деблокада на Ормускиот тснец, укинување на американските санкции против Иран и договор за ограничување на нуклеарната програма на Иран.
„Многу бргу ќе го завршиме ова. Блиску сме“,
рекол изворот од Пакистан, земја која е посредник во разговорите меѓу Вашингтон и Техеран.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека ќе разговара со Трамп подоцна денес, додавајќи дека согласува со американскиот претседател дека целиот збогатен ураниум мора да се отстрани од Иран за да се спречи земјата да развие нуклеарно оружје.
Американскиот претседател Доналд Трамп, претходно денеска, преку објава на социјалните медиуми упати ултиматум до Техеран наведувајќи дека војната може брзо да заврши и Ормускиот Теснец да биде отворен доколку Иран се согласи на условите за примирје на Соединетите Американски Држави.
Во спротивно, напиша тој на неговата социјална платформа Трут соушл (Truth Social), Иран ќе се соочи со нов бран бомбардирања од страна на САД, кои ќе бидaт на многу поинтензивни во споредба со претходните.
