Министерот за внатрешни работи на Федерацијата БиХ, Рамо Исак, потврди дека полицијата на ентитетот веднаш била ставена во состојба на готовност и ја критикуваше СИПА за лошо организираниот обид за апсење на Додик
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, по денешниот обид за негово приведување изјави дека законите на Босна и Херцеговина нема веќе да се спроведуваат на територијата на Република Српска, пренесе ХРТ.

Тој рече дека не се плаши од апсење, а Агенцијата за истраги и заштита (СИПА), чии припадници се обидоа да го приведат, и Судот на БиХ ги нарече окупаторска сила која нема да дозволи да дејствува на територијата на РС.
„Ако мислат дека полицијата на РС ќе се скрие, тие се луди“,
рече Додик, нагласувајќи дека се чувствува доволно заштитен.
Тој додаде дека е дојдено време да се види кој ги крши законите, а на инспекторите на СИПА им порача дека дури сега ќе видат што не можат да направат.
Додик, исто така, му се закани и на високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, дека сега ќе види како се приведува некој „за лажно претставување“. Тој рече дека Шмит се однесувал „криминално и фашистички“.
Претседателот на ентитетот излезе и со тврдења дека високиот претставник подготвува закон за статусот на државната сопственост на БиХ и се закани дека во таков случај Република Српска веднаш ќе прогласи отцепување од БиХ.
„Ќе го одвоиме и ќе го браниме нашиот имот“,
рече Додик, пренесе ХРТ.

Изјава за медиумите даде и министерот за внатрешни работи на Република Српска, Синиша Каран, кој рече дека неговите полицајци ќе го заштитат Додик.
„Министерството за внатрешни работи на РС има доволен капацитет да ги заштити сите граѓани на РС и носителите на најважните институции“,
додаде тој.
Од друга страна, министерот за внатрешни работи на Федерацијата БиХ, Рамо Исак, потврди дека полицијата на ентитетот веднаш била ставена во состојба на готовност и ја критикуваше СИПА за лошо организираниот обид за апсење на Додик.
„Испраќањето неколку инспектори во административниот центар на владата на РС во Источно Сараево со наредба да се обидат да го приведат Милорад Додик, сето тоа без помош на специјална единица на СИПА, навистина фрла сомнеж за способноста на државната агенција да обезбеди доследно почитување на законот на целата нејзина територија или зборува за неможноста на раководниот персонал да го анализира и планира успешното оперативно извршување“,
рече Исак.
Судот на Босна и Херцеговина издаде налог за апсење на Додик и му одреди притвор бидејќи одби да одговори на поканата за сослушување на Обвинителството на Босна и Херцеговина кое против него води истрага поради сомнение дека се обидел да го загрози уставниот поредок на БиХ.
Неколку инспектори на СИПА, без поддршка од вооружени полицајци во униформи, денеска се обидоа да влезат во владината канцеларија на РС во Источно Сараево за да му врачат на Додик налог за апсење. Но, како што пренесоа медиуми, наишле на тешко вооружените членови на Министерството за внатрешни работи на Република Српска кои им го блокирале пристапот во зградата, по што инспекторите на СИПА се повлекле.
По нивното повлекување, полицијата на РС ја зголеми безбедноста околу зградата во Источно Сараево, каде што Додик имаше средба со локалните водачи.
„Можам да потврдам дека членовите на СИПА биле во административниот центар на владата на Република Српска во Источно Сараево, поврзано со постапувањето по налог на Судот на Босна и Херцеговина во врска со кривичното дело неизвршување на одлуката на Уставниот суд. Тие се обиделе да ја извршат наредбата, но биле спречени од Министерството за внатрешни работи на РС“,
изјави портпаролката на СИПА, Јелена Миовчиќ, за „Дневни аваз“.
Како што може да се види на снимката која се појави на социјалните мрежи, немало директен конфликт помеѓу припадниците на државната и полицијата на ентитетот.
EKSLUZIVAN SNIMAK IZ ISTOČNOG SARAJEVA!!
— Slobodna Bosna (@SlobodnaBosna) April 23, 2025
Pripadnici SIPE došli do Administrativnog centra Vlade RS gdje se nalazi predsjednik RS-a Milorad Dodik! pic.twitter.com/uPRZ13rsxf