Додик наградата му ја додели и на претприемачот Слободан Станковиќ, кој беше на црната листа на американската администрација поради вмешаност во корупција. Меѓу наградените се пејачот на новокомпонирана музика Маринко Роквиќ и српскиот патријарх Порфириј
Лидерот на босанските Срби во Република Српска, Милорад Додик, му додели орден на рускиот претседател Владимир Путин објаснувајќи го чинот со неговиот наводен придонес во соработката меѓу двете земји.
По повод 9 јануари, кој во РС се слави како ден на ентитетот, Додик додели педесетина различни награди на личности и институции, а прв на листата беше рускиот претседател, кој се соочува со општа изолација на Западот поради агресијата врз Украина.
„Благодарение на позицијата на Владимир Путин и силата на Руската Федерација, гласот и позицијата на Република Српска се слушаат и се почитуваат, а нејзината позиција е зачувана под налетот на меѓународниот интервенционизам“,
рече Додик во Бања Лука објаснувајќи ја својата одлука за доделувањето на орденот на рускиот претседател.
Тој најави дека медалот ќе му го даде на Путин подоцна, односно кога двајцата повторно ќе се сретнат.
Додик наградата му ја додели и на претприемачот Слободан Станковиќ, кој беше на црната листа на американската администрација поради вмешаност во корупција. „Интеграл инженеринг“ на Станковиќ во моментов гради пат во Хрватска што треба да го поврзе новиот мост кај Градишка со автопатот Загреб-Липовац. Меѓу наградените се пејачот на новокомпонирана музика Маринко Роквиќ и српскиот патријарх Порфириј.
Властите на РС го слават 9 јануари како ден на тој ентитет и покрај пресудите на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, кој го прогласи одбележувањето на тој датум за неуставно бидејќи ги дискриминира Хрватите и Бошњаците кои живеат во тој ентитет.
Украина: Наградата на Додик за Путин е награда од еден на друг терорист
Амбасадорот на Украина во Хрватска и Босна и Херцеговина, Сергеј Кирилич, одлуката на водачот на босанските Срби, Милорад Додик, да му го додели орденот на рускиот претседател Владимир Путин ја опиша како „награда од терорист на терорист“.
„Терористите ги наградуваат терористите. Слугите ги наградуваат своите господари. И со првите и со вторите владее страв. По повод 9 јануари, кој во Република Српска се слави како ден на тој ентитет, Путин се одликува за развивањето и зајакнувањето на пријателските врски меѓу Русија и РС“,
посочи украинскиот амбасадор.