Во фокусот на опозицијата е тендерот за набавка на нафта за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“. Обвинија дека тендерот од 27 милиони евра за набавка на нафта за потребите на ЈСП, потпишан од директорот на претпријатието Александар Стојковски, е без вообичаениот рабат, односно попуст од 6 денари по литар
Од владејачкиот СДСМ, пак, преку писмено соопштение тврдат дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е тој што што ги поттикнува блокадите на приватните превозници. Оттаму велат дека ВМРО-ДПМНЕ ја има градската власт и ја има одговорноста за она што му се случува денеска на Скопје.
Додека автобусите на приватните превозници стојат паркирани на четири крстосници во главниот град, чии сопственици бараат исплата на заостанат долг, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владејачкиот СДСМ утрово преку писмени соопштенија си разменија обвинувања кој е виновен за настанатата ситуација.
Во фокусот на опозицијата е тендерот за набавка на нафта за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“.
Обвинија дека тендерот од 27 милиони евра за набавка на нафта за потребите на ЈСП, потпишан од директорот претпријатието Александар Стојковски, е без вообичаениот рабат, односно попуст од 6 денари по литар.
„Попуст за набавка на нафта за ЈСП секогаш имало, дури и во времето на Шилегов, но не и со Арсовска. Тендерот за набавка на нафта е за набавка од 14 500 000 литри. Со попуст од 6 денари, тоа се 1,4 милиони заштеда. Оваа набавка е од компанија на пратеник од власта“,
се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека овие 1,4 милиони евра се повеќе од доволни за да го решат проблемот со превозниците.
„Но очигледно поважно е овие пари да завршат во нечиј џеб, отколку за скопјани. Дали Арсовска и Ковачевски наместо пари за превозниците на средбата договарале провизија од набавката на нафта за ЈСП која ја доби фирма на пратеник од власта? Дали сите провизии на ЈСП и на Арсовска ги договара еден нејзин роднина и уште еден сметководител бизнисмен од Ѓорче Петров?“,
прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека Скопје заслужува решение, но има проблем затоа што Ковачевски и Арсовска мислат на тендери, а не на скопјани.
Од владејачкиот СДСМ, пак, преку писмено соопштение, тврдат дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е тој што што ги поттикнува блокадите на приватните превозници.
„Откако меѓусебно се обвинуваа за рацете во медот, откако се испокараа за провизии сега Мицкоски и се реваншира на Данела Арсовска. Лично Мицкоски најавуваше 100 автобуси за Град Скопје во име на Арсовска. Денес ги нема ниту автобусите, ниту фабриката што Мицкоски ја најавуваше. Штетата од сето ова ја плаќаат граѓаните кои утрово се разбудија во блокиран град и без јавен превоз. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ приредуваат нова катастрофа на Скопје“,
стои во соопштението на СДСМ.
Хаосот, како што велат од владејачката партија, што овој период му се случува на Град Скопје е само поради неспособноста и бизнис-интересите на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски.
Оттаму додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ ја има градската власт и ја има одговорноста за она што му се случува денеска на Скопје.
„Кадри на ВМРО-ДПМНЕ се најзастапени во сите управни и надзорни одбори на јавните претпријатија во Градот, вклучително и во Јавното сообраќајно претпријатие. Тие ја имаат одговорноста за се она што му се случува денеска на Скопје. Шпицниот градоначалник Мицкоски, мнозинството во Советот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ членовите на управните и надзорните одбори од ВМРО-ДПМНЕ, се единствените виновници што денеска Скопје е заглавен град, што граѓаните се без јавен превоз. По `Скопје 2014` ВМРО-ДПМНЕ му приредува нова катастрофа на Скопје, Мицкоски и неговите кадри се најголемото разочарување за скопјани“,
велат од СДСМ.
Сообраќајот во главниот град утрово се одвива под посебен режим, откако приватните превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ повторно поставија блокади на неколку клучни точки односно на крстосниците пред ТЦ „Мавровка“, „Црвен Крст“, како и на булеварот „Илинден“ околу просториите на Град Скопје, со најава дека овој пат нема да ги тргнат автобусите се до исполнување на нивните барања.
Директорот на приватниот автобуски превозник „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, вчера најави можна радикализација на протестот на приватните превозници се до решавање на проблемот и исплата на долгот од страна на ЈСП „Скопје“.
Според него досега приватните превозници неколкупати барале да бидат примени и сослушани од градоначалничката, но таа не сакала да ги прими.