Тројцата политичари од албанскиот опозициски кампус во симултани објави на Фејсбук соопштија дека на денешната средба во Собранието разговарале за создавање на заеднички опозициски фронт како неопходност, а поранешниот функционер на ДУИ и иницијатор на нов политички субјект Изет Меџити, својата изјава на социјалната мрежа ја завршува со зборовите: „Нека ни е со среќа“
Сепак, проектот за опозициски фронт на Меџити, Касами и Гаши можно е да не помине безболно, особено за Беса. Ваквата ситуација ја имплицира објавата, исто така на Фејсбук, на заменик-претседателот на Движењето Арјанит Хоџа во која напиша дека целосно се оградува од политичките дејствија во т.н. „опозициски блок“, бидејќи, како што наведува, целта на неговите иницијатори не е политичка промена, туку „перење“ на политички фигури кои до неодамна беа актери во одржувањето на актуелната власт во живот
Доскорешниот висок функционер на ДУИ и иницијатор на нов политички субјект во албанскиот блок Изет Меџити, лидерот на Беса и актуелен градоначалник на Тетово, Билал Касами, и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, на вечерашната средба што се одржа во Собранието ги поставиле темелите за идна соработка и обединување во најавениот опозициски блок во албанскиот политички кампус чија цел е пресврт на силите, односно испраќање на ДУИ во опозиција на следните парламентарни избори.
Ова може да се заклучи од изјавите кои тројцата политичари симултано, во истовреме ги објавија на своите официјални фејсбук-профили, по завршувањето на средбата.
Силна посветеност во обединувањето на гласот на опозицијата, најави Меџити во својата објава, која ја завршува со реченицата: „Нека ни е со среќа“.
„Почитувани граѓани, истомисленици и соработници, како што изјавивме претходно, ќе бидеме силно посветени на обединување на гласот на опозицијата во земјата. Во оваа насока беше и денешната средба со г. Касами и г. Гаши во Собранието на РСМ, каде што разговаравме за принципите на нашата соработка. Нашето искрено патување продолжува! Нека ни е со среќа“,
напиша Меџити на Фејсбук.
Лидерот на Движењето Беса, Касами, средбата ја оцени како многу конструктивна, а на која, како што вели, било разговарано за создавање на заеднички опозициски фронт како неопходност на албанската политичка сцена. За наредните денови тој најави дополнителни детали за оваа соработка.
„Денеска имавме заедничка и многу конструктивна средба со Изети Меџити, кој работи во новото движење и со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши. Разговаравме за идејата за соработка и интеграција, за создавање на заеднички опозициски фронт како неопходност на албанската политичка сцена. Во пријателска и конструктивна атмосфера разговаравме за следните чекори за плодна соработка на албанската политичка сцена. Други детали за оваа соработка ќе бидат обелоденети во наредните денови“,
вели Касами во својата објава на социјалната мрежа.
Со сличен наратив е и објавата на лидерот на Алтернатива, Африм Гаши кој, меѓу другото, истакнува дека „лавината веќе започна“ и дека „ударот на оваа моќ е на повидок“.
„Денеска повторно се сретнавме со г. Изет Меџити и г. Билал Касами за да разговараме за можностите за проширување и зајакнување на албанскиот опозициски фронт. Меѓу другото, разговаравме и за подготовка на нацрт-понуда која дополнително ќе се прошири во предизборната програма. Лавината веќе започна. На повидок е удар на оваа моќ. На новите избори, нова влада“,
напиша Гаши во својата објава на Фејсбук.
Инаку, окрупнувањето на албанскиот опозициски блок беше најавувано извесен временски период, судејќи по јавните настапи на тројцата политичари.
Касами пред три дена испрати повик до Меџити, но и до сите други партии и поединци да се приклучат во пошироко опозициско движење. Тој најави и можни заеднички листи на следните избори.
Движењето на Меџити, кое засега нема име, ќе биде формирано на 13 август, денот на Рамковниот договор, кога и официјално ќе се формира новиот политички субјект и движење.
Сепак, проектот за опозициски фронт на Меџити, Касами и Гаши можно да не помине безболно, особено за Беса. Ваквата ситуација ја имплицира објавата на заменик-претседателот на партијата Арјанит Хоџа, која тој ја постираше додека траеше средбата на неговиот шеф со Меџити и Гаши.
Во неа тој напиша дека целосно се оградува од политичките дејствија во т.н. „опозициски блок“, бидејќи, како што наведува, целта на неговите иницијатори не е политичка промена, туку „перење“ на политички фигури кои до неодмана беа актери во одржувањето на актуелната власт во живот.
„Почитувани активисти, поддржувачи, симпатизери и сите вие кои бевте сопатници на нашето политичко патување овие години. Преку оваа објава ве информирам дека од денеска целосно се оградувам од политичките дејствија во таканаречениот „опозициски блок“ со оглед на тоа што главните актери, носители на оваа иницијатива немаат за цел политичка ротација, туку едноставно „перење“ на политички фигури кои не така одамна беа актери за одржување на актуелната власт во живот и ја спречија ротацијата во албанскиот политички табор. За детали за политичките убедувања и луѓето кои го делат истото политичко мислење со мене, ќе ве известиме преку прес-конференција во текот на оваа недела“,
напиша Хоџа на Фејсбук.
Наводно на иста линија со Хоџа, според ТВ 24, која се повикува на свои извори, е и пратеникот на Движењето Беса во Собранието, Бастри Бајрами, што би значелодека Беса на Касами може да остане само со еден пратеник во Собранието.