Според ДЗС, вчера биле регистрирани 27 пожари на отворено од кои 20 се целосно изгаснати, еден е ставен под контрола, а шест се активни

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов информира дека вчера имало 27 пожари на отворен простор на територија на целата земја. Тој смета дека, ако се земе предви дека имало локални врнежи, оваа бројка е сепак алармантна.
Според Ангелов, 20 од пожарите се целосно изгаснати, еден е ставен под контрола, а шест се активни.
„Ќе го издвојам пожарот на територија на Општина Крушево, во атарот на село Алдинци каде што синоќа упатив тим за брз одговор на ДЗС составен од 20 доброволни пожарникари од ДПД ‘Архангел’ – Битола. Резултатите се извонредни. Доброволните пожарникари работеа во текот на ноќта. Некаде пред раните утрински часови целосно го изгаснаа овој пожар за што сум им посебно благодарен“,
рече Ангелов.
Гори и на територија на Општина Македонски Брод. Ангелов изјави дека таму последните три дена работи специјален модул за шумски пожари составен од 25 доброволни пожарникари и пет оперативци на ДЗС на тешко пристапен терен, но сепак вели дека резултатите се извонредни.
„За жал се уште имаме активни краци на овој пожар кој се одвива на тешко пристапен терен, карпест и стрмен“,
вели Ангелов.
Активен е и пожарот кај селото Копанце на територија на Општина Јегуновце што гори високо во планината и не е опасност на населеното место. Таму горат ниска вегетација, грмушки и трње и денеска ќе се дејствува со трите авиони на ДЗС.
„На територија на Општина Велес има активен пожар во атарот на село С’лб каде вчера ‘Ер тракторите’ им помогнаа на пожарникарите огнот да не го зафати селото“,
рече тој.
