Претходно, премиерот Христијан Мицкоски рече дека од април ќе се исплаќа законски предвидениот минималец или 2 200 денари повеќе на сегашната минимална плата
До крајот на месецов треба да се направат пресметките и да се утврди висината на минималната плата и во таа насока веќе е формирана Комисија за утврдување на репрезентативноста на синдикатите, која минатата недела е изгласана на седница на Влада. Ова на денешната прес-конференција го изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, одговарајќи на новинарско прашање според кој предлог ќе се утврдува висина на минималната плата, со оглед дека нема репрезентативност на Синдикатите, а и нема договор на Економско-социјалниот совет.

„Има еден закон кој е во сила, каде што синдикатите и работодавачите се согласија и попуштаа и до крај на месецот ќе се прават пресметките да се утврди висината на минималната плата“,
рече тој.
Посочи дека Комисија за утврдување на репрезентативноста на синдикатите почна да работи, со цел да се одбере кој Синдикат ги исполнува условите да биде репрезентативен.
„Веднаш потоа ќе го свикаме Економско-социјалниот совет на кој ќе ја отвориме темата за минималната плата. Доколку работодавачите и Синдикатите се договорат за друг начин на утврдување или друга вредност на минимална плата, ние ќе бидеме таму за да им помогнеме на другите страни“,
кажа тој.
Очекува Комисијата многу брзо да ја утврди репрезентативноста на Синдикатите и покрај тоа што треба да проверат многу документи.
„Сепак, согласно законот кој сега е во сила до крајот на месецов треба да се утврди вредноста на минималната плата и покрај тоа што имаме ситуација без репрезентативност на Синдикатите“,
вели Дурмиши.
Претходно, премиерот Христијан Мицкоски рече дека од април ќе се исплаќа законски предвидениот минималец или 2 200 денари повеќе на сегашната минимална плата.
„Денеска имаме владина седница, разговарав со министерот за економија и труд. Ќе поминеме информација согласно Законот, мислам дека дека минималната плата ќе се зголеми на ниво од 24 400. Така е според Законот. Немам репрезентативен Синдикат во Економско-социјалниот совет, се формираше Комисија која ќе ја утврди репрезентативноста. Се надевам дека наскоро тие што ќе бидат репрезентативни претставници на работниците заедно со работодавачите ќе постигнат консензус, а ние тој консензус ќе го почитуваме“,
вели премиерот.
Посочи дека доколку следните месеци дојде до договор меѓу работниците и работодавачите за повисок износ, ќе направат законски измени, како и дополнително нивелирање.