Вакцинацијата со руската вакцина „Спутник В“ денеска започна во поликлиниката „Јане Сандански“ и досега се вакцинирани околу 120 лица, информираа од оваа здравствена установа за МИА.
Очекуваат до крајот на денот да бидат вакцинирани околу 180 лица. Пунктот за вакцинација работи до 20 часот.
Руската вакцина пристигна викендот. На скопскиот аеродром во неделата пристигнаа првите 3 000 дози од оваа вакцина.
Освен во поликлиниката „Јане Сандански“, процесот на вакцинација се одвива и во поликлиниката „Букурешт“ каде во тек е ревакцинација со вакцината на „Фајзер“.
Со првите 3 000 дози од „Спутник В“ се вакцинираат здравствените работници, иако првично беше планирано со нив да почне имунизацијата на постарите лица, односно сместените во старските домови или кадарот што работи таму.
„Поради проширувањето на ковид-капацитетите и актуелната состојба, вакцинацијата продолжува со здравствените работници кои се под висок ризик за добивање ковид-инфекција, од сите институции во државата“,
рекоа вчера од Министерството за здравство.
Вторите дози од овие вакцини треба да пристигнат најдоцна за три недели, што е обврска која ја презела руската компанија.