Автопатот Миладиновци – Штип одамна веќе требаше да биде во функција.
„Сето останато градежно до крајот на месецот ќе биде завршено и верувам дека во октомври сите ситни работи ќе се завршат“, рече Зоран Китанов – директор на ЈП за државни патишта на 17.9.2018.
Поминаа пет месеци од октомври до нова најава дека автопатот ќе биде пуштен во употреба викендот што помина.
„Миладиновци – Штип во текот на оваа недела ќе биде пуштен“, рече Горан Сугарески – министер за транспорт и врски на 1.3.2019.
Но, знаци „СТОП“ ги дочекаа возачите кои изминатиот викенд се обидоа да тргнат кон југоистокот преку новиот автопат Миладиновци – Свети Николе – Штип.
„За Штип да, очекував да е отворен патот и затоа тргнав оттука. Ама ништо, сега ќе видиме, ќе вртиме, преку Куманово, Свети Николе и така.“
„Доаѓаме првпат да поминеме по новиот пат и еве сега го ставиле контејнерот. На што личи ова?
-Имате слушнато дека го користеле до сега?
Како не, рекоа дека е неофицијално пуштен и се употребува.“
„Беше најавено дека оваа недела ќе биде пуштен, за оваа недела, меѓутоа од кои причини не е, не знаеме.“, ни рекоа возачите кои ги затекнавме на почетокот на автопатот во Миладиновци.
Министерството за транспорт и врски тврди дека сите градежни активности на автопатот Миладиновци – Свети Николе – Штип се комплетно завршени, а сега, се прават последните безбедносни проверки, пред тој официјално да се пушти во употреба.
Реакциите на возачите се очекувани зашто патувањето од Скопје до Штип по стариот автопат, со прописно возење, трае околу 70 минути. По новиот автопат, би требало да се стигнува за двојно помалку време. Пролонгирањето е само за една недела, вели директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов.
„Taму треба да се градат две патарини, за кои некој претпоставил дека ќе ги има, ама ниту ми оставил мене проект, ниту завршена експропријација, ниту дозвола за градба. Сето тоа го направивме во минатата година и веќе таму ќе отпочне тоа да се гради, затоа е и со времен режин на сообраќај. Исто така надвор од автопатот имате сервисни улици, сервисни патчиња кои никој не ги третирал, и ние сега преку наши средства ги третирамe, но прашање е на недела дена да се пушти автопатот“, вели Китанов.
Во меѓувреме, некои продолжуваат да го користат овој автопат, како овие возачи тргнати од Штип за Скопје – на диво и на сопствен ризик.
И автопатот од Скопје до Приштина се чека долго време.
„Дозволете да ве информирам дека подготвителните работи за проектирање и реализацијa на нашиот дел од автопатот, од Скопје кон Блаце, во должина од 13 километри веќе се започнати.“, кажа вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, во видео обраќање уште во мај минатата година.
Милионите возила што годишно ја преминуваат оваа граница и големата трговска размена го натераа Косово забрзано да работи на својот дел од автопатското поврзување на двата главни града. Автопатот го носи името на покојниот прв претседател на партијата ДПА, Арбен Џафери, а косовскиот премиер Рамуш Харадинај честопати знаеше да се пофали дека стотици работници работат седум дена во неделата, во две смени, потенцирајќи ја така важноста на проектот за неговата земја. Од таа страна на границата, изградени се 55 километри.
Изградбата на автопатот од косовската страна до границата со Северна Македонија е речиси готов. Од другата страна на границата, проектот Скопје – Блаце се уште не е ниту започнат. Автопатот треба да ја олесни комуникацијата меѓу двете земји и патувањето од Скопје до Приштина да трае само 45 минути. Ова е децениско ветување, но и прв приоритетен правец за изградба во програмата на актуелната македонската влада.
Директорот на државни патишта Китанов вели дека проектот е готов и дека трае тендерот за надзор.
– Ние имаме обезбедено и буџет, влезен ни е во програма, нема врска дека има избори, тоа е по програма, веднаш ќе го објавам да се тендерира.
Неколку километри се во прашање, но имате изјавено дека до 2023 ќе се гради. Зошто е потребно толку време?
– Не сум рекол, не памтам 2023 да сум рекол. Значи се гради автопат, не е ова рехабилитација, ниту реконструкција се гради автопат. Таму постојат две полесни делници и една потешка делница. Да бидат завршени добро геомеханичките испитување, тогаш кога ќе му дадете добри податоц, добар проекти на изведувачот и една многу важна работа – завршена експропријација, бидејќи за автопат се јавуваат моќни, способни компании…
Некоја рамка временска?
– Јас мислам дека 2021-ва, 2022-ра, тоа би требало да заврши. Но, пак ќе ви кажам, не сакам јас да лицитирам.“, вели Китанов.
По автопатот од Скопје до границата со Косово, следни на листата приоритетни правци наведени во владината програма се реконструкциите на регионалните патишта Драчево – Орешани – Таор и Драчево – Јурумлери. И за нив почетокот на работите е најавен пред неколку месеци, но кога излеговме да провериме што се случува на терен, посведочивме на непријатно искуство на возач, кој го оштети автомобилот.
„Кого да тужиш, тие се тие. Ништо, што се случи, ете има и црти, има и слики, има се. Нема, нема кај да бегаш, оваа улица е од 1991 па навака се е вака раскопано. Ставија тротоари, ги извадија тротоарите, направија дупки, ископаа за одвод, дојдоа со камиончиња да работат, селска работа, не знам што да кажам повеќе.“, ни кажа возачот кој го оштети автомобилот.
Жителите на Драчево, Долно Лисиче, Јурумлери, и преку протести неколку пати бараат само едно – изградба на патот.
„Јас не гледам некој да работи. Значи доаѓаат, местат механизација, се сликаат и си одат, друго ништо не работат. Еве ова е само еден дел од тоа што се случува. Он вози полека, а има и несовесни возачи, магла, магла.“
„Се надеваме, во надеж живееме. Ветуваа пред Нова година, па пролетва, еве сега дојде половина март.“, велат жителите на Долно Лисиче.
За реакциите на жителите, одговори побаравме од директорот на надлежното јавното претпријатие.
„Можете да одите овие денови таму се гребе асфалтот, се работи. Сега во моментов, јас бев пред три дена, Гранит на големо така да кажам, го вади преостанатиот дел од тоа што некогаш било асфалт. А тоа, како кој ги лажел во минатото, мене не ме интересира.
И ние бевме пред некој ден, па имаше ситуација, возач си ја искрши колата, па мораше да интервенира и полиција.
– Значи, јас кажувам, затоа тој пат е ставен, тоа е кратка дестинација мислам, некои 4- 5 километри, но затоа е ставен да се работи по “Yellow FIDIC”, кадешто самиот изведувач си го прави проектот и си го гради и тоа се применува обично на најоштетените патишта.“
За застојот Китанов ја обвинува и претходната власт.
„Како сега ќе се нивелира патот спрема таквата изведба на водоводот и шахтите, се треба некој друг да исправа грешки од минатото, но ајде да не звучиме патетично.
Но, знаете кога живееете таму и го користите цело време..
– Така е, патот се гради, можете сега да одите да видите таму..
Кога ќе биде готов?
– Мала е таа делница, откога цела ќе се припреми може за месец дена да се асфалтира.
Добро временски еве, да знаат жителите.
– Јас оптимистички мислам дека до крајот на април би требало да биде готов.“, рече Китанов.
Во владината програма, за 10 години се предвидени 3 милијарди евра инвестиции во патна инфраструктура и тоа за 600 километри автопати и експресни патишта, 550 магистрални и регионални, како и 1 000 километри локални патишта.
„Веќе имаме 22 отсто од програмата реализирано.“, уверува Китанов.
Во поглед на безбедноста, Китанов најавува замена на постоечките со еластични огради на автопатите и отворање контролен пункт во Петровец од каде ќе се снима и следи состојбата на сите автопати.
Напишете коментар