Општините, како основачи на училиштата, треба до 10 септември да достават одговор до Министерството за образование и наука за моделот на настава во нивните училишта и да побараат евентуално настава со физичко присуство, а МОН и владината комисија ќе дадат одобрение, доколку ги исполнуваат условите.
Тие што немаат услови ќе организираат онлајн-настава. За оваа цел, се подобруваат техничките услови за непречено учење од далечина преку обезбедување брз и стабилен интернет во училиштата, се работи и на надминување на проблемот со опременоста на учениците од социјално загрозени семејства за што ќе се бара решение и од компании.
За Планот за воспитно-образовниот процес што го усвои Владата, министерката за образование Мила Царовска имаше средба со директорите на средните училишта, а потоа и со градоначалниците на општините во рамки на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС).
Царовска по средбата изјави дека дел од училиштата се подготвени за настава со физичко присуство согласно здравствените протоколи и доставуваат барања за одобрение, други училишта се подготвуваат за онлајн-настава за која се подготвува национална платформа. Тест-верзијата на платформата е готова и наскоро ќе биде презентирана во јавноста. Таа ќе биде едноставна за користење, рече Царовска, и сите наставници ќе бидат обучени и ќе имаат пристап.
„Според Планот, имаме флексибилност и комбинираност на наставата зашто некаде тоа го наложуваат условите, а во други моменти и здравствената состојба на учениците или на наставниците и тоа треба да се има предвид. Ширината на овој План дава можност и токму за тоа денеска разговараме со градоначалниците за нивната подготвеност“,
изјави Царовска и повтори дека моделите за настава може да се менуваат во текот на училишната година во зависност на менувањето на епидемиолошката слика и според насоките на Комисијата за заразни болести.
Градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС, Петре Шилегов, рече дека не сите општини имаат еднакви услови, технички и епидемиолошки, за отпочнување на учебната година и затоа оваа средба била неопходна.
„Не може да има совршено решение, во вонредна состојба, но треба да се најде доволно добро решение за отпочнување на годината, односно оптимален старт според материјалните и техничките можности на општините, со исполнување на обврските што тие ги имаат, пред сè, во почитувањето на протоколите за безбедност на здравјето на учениците. Комплексно е прашањето и затоа што во самите општини не секаде се изедначени условите во училиштата за да може да се исполни во целост донесениот План за почеток на наставата од 1 октомври“,
рече Шилегов.
Во усвоениот План има решенија и за хронично болните деца и за хронично болните наставници кои, како што рече Царовска, ќе може да ја држат наставата од дома наместо во училиштето, а ако се работи за наставник за физичко присуство, ќе може да се вклучи дополнителен кадар.
Хронично болниот наставник барањето го поднесува до директорот кој, врз основа на документацијата, ја донесува одлуката. Затоа е неопходно реорганизирање, нагласи Царовска, за да може едно училиште да му помогне на друго во иста општина. Шилегов рече дека во Град Скопје, во чија надлежност се 23 средни училишта, и досега имало ротации на наставници за да го исполнат фондот на часови.