Антикорупционерите велат оти мисијата на ДКСК за превенција и борба против корупцијата на сите нивоа останува непроменета и посилна од кога било
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска преку писмено соопштение информира дека продолжува да ги спроведува своите тековни активности и обврски останувајќи целосно доследна на принципите на интегритет, транспарентност и владеење на правото.

Антикорупционерите велат оти мисијата на ДКСК за превенција и борба против корупцијата на сите нивоа останува непроменета и посилна од кога било.
„ДКСК како институција продолжува да работи независно и ефикасно, во согласност со своите законски надлежности и својот мандат. Свесни сме за важноста и значењето на довербата од јавноста. Затоа ќе продолжиме да работиме со највисока транспарентност и да соработуваме со надлежните институции, обезбедувајќи почитување на законите и највисоките етички стандарди во рамките на ДКСК“,
наведуваат од Антикорупциската комисија.
Оттаму уверуваат дека постапките за утврдување индивидуална одговорност не ја поткопуваат институционалната и колективната посветеност.
Поранешната прва антикорупционерка Билјана Ивановска денеска порача дека претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, мора веднаш да поднесе оставка од функцијата бидејќи сè уште ја инфицира институцијата. Димитровска минатата недела се најде меѓу осомничените во проширената истрагата на ОЈО ГОКК за случајот „Адитив“ бидејќи, според Обвинителството, му оддавала службени тајни на друг обвинет во случајот.