Според претседателката на Антикорупциската комисија, иницијативата до ЈО е затоа што во постапката за изменување и дополнување на ДУП „Голем ринг“, за 2012-2017 година, тогашните градоначалници, постапувајќи спротивно на членови од Законот за просторно и урбанистичко планирање, овозможиле значителна имотна корист за сопствениците на градежната парцела
Антикорупциската комисија, со иницијатива до Јавното обвинителство, бара да се отвори истрага за злоупотреба на службената положба за поранешните градоначалници на општина Центар – Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски, како и раководителите на секторите за урбанизам од Општината, Градот Скопје и Министерството за транспорт од 2012 година. Според ДКСК, овие лица, заедно со планерите и планерската компанија „Билт“, го прекршиле Законот за урбанизам при носењето на Деталниот урбанистички план „Голем ринг“, кој го опфаќа и земјиштето спроти хотелот „Холидеј ин“.
„Иницијативата е затоа што во постапката за изменување и дополнување на ДУП ‘Голем ринг’ за Општина Центар, за 2012-2017 година, тие ја злоупотребиле својата службена положба и ги пречекориле границите на службеното овластување, постапувајќи спротивно на членови од Законот за просторно и урбанистичко планирање и со тоа прибавиле значителна имотна корист за сопствениците на градежната парцела 1.1. од ДУП во делот ‘Голем ринг’“,
објасни Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.
Според Ивановска, основата за оваа иницијатива за кривично гонење е битката што дел од граѓаните ја водат со локалните и државните моќници со години наназад, а додаде дека на ист начин се донесени и други планови во Општина Центар. Таа најави дека ДКСК понатаму ќе истражува и за други планови кои на многу сличен начин биле донесени во тој период, односно не биле усогласени ниту со Генералниот план од 2002, ниту со тој од 2012 година.
„Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување од КЗ, ДКСК до Јавното обвинителство доставува иницијатива за поведување постапка за кривично гонење службени лица кои со своето постапување, односно не постапување придонеле во 2012 година да се донесе ДУП неусогласен со Генералниот урбанистички план и да се реализира имотна корист кај сегашните сопственици на парцелата која е дел од ДУП“,
додаде Ивановска.