Ивановска на денешната прес-конференција кажа дека ќе продолжат да го истражуваат предметот отворен за поранешниот директор на Фондот за здравство, Ден Дончев
Антикорупциската комисија бара Владата да го повика на одговорност директорот на ЈП со стопанисување со спортски објекти во сопственост на државата, Шпенди Хајредин, откако утврдила слабости во неговото работење. Како што изјави претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, на денешната прес-конференција, ќе испратат и иницијатива до Јавното обвинителство да постапува по наводите за злопупотреба на службената положба.
„Директорот издавал под закуп спортски објекти кои по Законот за спорт не треба да ги издава бидејќи се суштински, но тој склучувал договори за закуп без одлуки од Владата“,
изјави претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.
Предметот го отвори ДКСК по сопствена иницијатива откако во јавноста беа изнесени наводи дека надворешниот советник на премиерот за прашања од областа на спортот, Даниел Димевски, како управител на фирмата „Турдолимпик“ ДОО Скопје стекнал својство на закупец на СРЦ „Кале“ со што остварил приватни интереси и го оштетил буџетот.
*Поврзани вести
Советникот за спорт на Заев под лупа на Антикорупциска поради закуп на СРЦ „Кале“
Димевски до Антикорупциска – не го закупив СРЦ Кале туку околното земјиште
Антикорупционерите го разгледувале и предметот за продажбата на градежното земјиште на паркингот кај „Холидеј ин“.
Притоа, заклучиле дека Министерството за транспорт и врски го продало земјиштето, иако на сила бил мораториумот за градба, па донеле одлука да бараат од Уставниот суд да изврши оценка на членот 64 од Законот за денационализација.
„Дел од ова земјиште што е продадено со површина од 625 квадратни метри е на семејство што започнало процес на денационализација во 2003 година, но поради измени на Законот за денационализација од декември 2010 година, се дозволува располагање со имот што е предмет на денационализација. Пред да биде оваа измена во Законот постоела апсолутна забрана за располагање со имот додека трае постапката,“
додаде Ивановска.
Ивановска рече дека препорачуваат градоначалникот да се држи до стандардите за хумано живеење за да се заштити јавниот интерес и најави дека ќе ја следат и понатаму судбината на оваа парцела со новиот план што ќе биде донесен.
Ивановска на денешната прес-конференција кажа дека ќе продолжат да го истражуваат предметот отворен за поранешниот директор на Фондот за здравство, Ден Дончев.