„Со утврдениот сооднос 85:15 се фаворизираат планските региони кои се понаселени за сметка на планските региони кај кои се јавува намалување на населението во изминатиот период и каде што се потребни мерки за задржување на население“, се наведува во извештајот
Според извештајот на Ревизорот, Агенцијата за вработување во 2024 година исплатила 5,7 милиони денари или околу 94 000 евра за адвокатски услуги, медијација, вештачења и судски такси, но 77,46 остсо од расходите за адвокатски услуги биле реализирани преку еден адвокат
Ревизијата утврдила и дека членовите на Управниот одбор добивале парични надоместоци дури и за месеци кога воопшто не се одржувале седници
Мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и неповолно мислење за услогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики. Ова се оценките на Државниот завод за ревизија (ДЗР) од ревизијата на финансиските извештаи и на усогласеноста на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија (АВРСМ) за 2024 година.

Некомплетна документација, дискриминација при доделување средства за самовработување во плански региони, неефиканско трошење пари за обуки, сомнителни тендери, фаворизирање адвокат и членови на Управниот одбор земале паричен надомест иако не доаѓале на седница – се дел од од неправилностите што ги нотира извештајот на Државниот ревизор, објавен денеска.
Исплатени средства
Така, на почетокот извештајот на ДЗР забележува дека во 2024 до вкупните расходи, исплатите за паричен надоместок за невработеност и за материјално обезбедување се повисоки за 27,13 проценти, односно за 187 148 000 денари, или околу 3 милиони евра во споредба со 2023 година.
„Во 2024 година преку АВРСМ исплатени се 1 326 958 илјади денари или приближно 21 541 526 евра за паричен надоместок во случај на невработеност, од кои за паричен надоместок 876 960 илјади денари (14 236 364 евра) и за материјално обезбедување 449 998 илјади денари (7 305 162 евра), што претставуваат 40,6% од вкупните расходи на АВРСМ во 2024 година“,
се наведува во извештајот.
За реализација, пак, на активните програми и мерки за вработување (вкупно 14) предвидени со Оперативната програма во 2024 година исплатени биле вкупно 1 442 207 илјади денари (23 412 451 евра), што е за 16,34 проценти во однос на 2023 година.

Нерамномерна распределба
При распределбата на средствата, Државниот ревизор нотира дека не бил почитуван, односно обезбеден принципот на рамномерен регионален развој, бидејќи кај одделени активни мерки исплатите во Скопскиот и во дел од западните плански региони ја надминувале утврдената квота и до четири пати, додека регионите од централниот и од источниот дел на државата добиле помалку средства.
„Со утврдениот сооднос 85:15 се фаворизираат планските региони кои се понаселени за сметка на планските региони кај кои се јавува намалување на населението во изминатиот период и каде што се потребни мерки за задржување на население“,
се нотира во извештајот.
Кога станува збор за мерката самовработување, дури 62,05 отсто од средствата на Агенцијата биле реализирани преку центрите за вработување во само пет градови.
„Кај мерката ‘субвенционирање на плати – 327 од вкупно 646 одобрени апликации (50,6%) се однесуваат на само четири центри за вработување („Скопје, Струга, Тетово и Куманово“), додека кај мерката ‘вработување и раст на правни субјекти’ – 587 од 917 одобрени апликации (64,1%) се реализирани во пет центри за вработување („Тетово, Скопје, Струга, Куманово и Пробиштип“)“,
открива извештајот.
Државниот ревизор утврдил слабости и во системот на мониторниг и контрола на користењето на средствата, каде што нотира дека недостасуваат разработени процедури, ретки теренски контроли и нецелосна документација. Ова, велат од ДЗР, создава ризик од ненаменско користење на доделените средства.

Еден адвокат и сомнителни тендери
Според извештајот на Ревизорот, Агенцијата за вработување во 2024 година исплатила 5,7 милиони денари или околу 94 000 евра за адвокатски услуги, медијација, вештачења и судски такси, но 77,46 остсо од расходите за адвокатски услуги биле реализирани преку еден адвокат. Дополнително, дел од исплатите биле извршени без целосна поткрепувачка документација и без контрола на фактурираните услуги.
„Дополнително, за вештачења во износ од 881 илјада денари не е спроведена постапка за јавна набавка, а за 740 илјади денари не е обезбедена документација за извршените услуги. Исто така, дел од адвокатските услуги се однесуваат на административни работи кои можеле да ги извршуваат службите на АВРСМ, но истото не е кадровски екипирано“,
се наведува во извештајот.
Во него, Ревизорот забележува дека во 2024 година биле исплаќани и пониски надоместоци за практикантство. Така наместо законски утвредниот минумум од 9 478 денари за оваа намена бил исплаќана нето-сума од 8 863 денари.
Дополнително, во делот за јавни набавки во извештајот забележува дека во 2024 година за обуки за напредни ИТ-вештини, Агенцијата за вработување фаворизирала едно конкретно правно лице со тоа што во тендерската документација поставила услови за поседување специфични авторизации кои во државата ги поседува само една фирма, со што свесно била ограничена конкуренцијата и исклучени останатите заинтересирани понудувачи. Исто така, биле биле потрошени 86 милиони денари за напредните ИТ-обуки, но 92 отсто од кандидатите паднале на испитот.
„ Оваа постапка е поделена на вкупно 14 посебни делови за кои понуда дале два економски оператори (фирми). Со увид во доставените понуди утврдивме дека цените кои се понудени од двата економски оператори се разликуваат за минимален износ. Исто така од страна на договорниот орган со ТД за најголем дел од 14. дела предмет на Јавната набавка побарано е економскиот оператор да поседува авторизации за тренинг центри, авторизации за тестинг центар и 3 до 5 предавачи со авторизации иако не е дефинирано дали сите овие лица ќе бидат вклучени во обуките. За дел од овие авторизации барани во постапката (CertNexus ATP) со увид во официјалната веб страница на оваа фирма утврдивме дека само една фирма во нашата земја има обезбедено авторизација за тренинг-центар, што е барање кое е поставено со ТД кое е потребно ЕО да го исполнат доколку планираат да учествуваат во оваа постапка за јавна набавка. Овие состојби укажуваат дека со воспоставените услови во ТД извршено е исклучување на заинтересираните ЕО од учество во оваа постапка за Јаввна набавка и намалување на конкуренцијата што не е во согласност со член 3 став 1 од Законот за јавни набавки (ЗЈН)“,
се наведува во извештајот.
Објекти без имотен лист
Ревизијата утврдила и дека членовите на Управниот одбор добивале парични надоместоци дури и за месеци кога воопшто не се одржувале седници.
„Во текот на 2024 година исплатени се парични средства во износ од 377 илјади денари… за месеците април, јуни, август и октомври, иако во тие месеци Управниот одбор нема одржано седници“,
стои во извештајот.
Агенцијата за вработување, како што утврдила ревизијата, користи објекти за кои нема имотен лист, што е, се нотира, сериозен правен и безбедносен ризик. Станува збор за три објекти во Велес, Берово и дел од Скопје, со вредност од над 54 милиони денари. Поради нерешениот статус, објектите не можат да се реконструираат, а во објектот во Скопје веќе се појавуваат безбедносни проблеми за вработените.
Од ДЗР и во оваа ревизија нагласуваат дека Посебниот фонд за вработување на инвалидни лица не ги добива сите средства што му следуваат според закон.

Во дел од извештајот класифициран во категоријата „Останати прашања“, Ревизорот посочува на недоволна јасност и прецизност на правилата за паричен надоместок во случај на невработеност. Ова во пракса доведува до различно толкување и нееднакво постапување пи исплата на средствата.
Од ДЗР нотираат оти не се јасно дефинирани сите услови кога лицето стекнува или губи право на надоместок, како и начинот на пресметка во одредени ситуации, особено кај работа со скратено работно време и различни видови престанок на работен однос.
„Поради тоа, АВРСМ во пракса постапува различно во слични случаи. Овие недоречености доведуваат до правна несигурност, поголем број жалби и судски постапки, како и ризик различни категории на осигуреници да не бидат еднакво третирани, иако сите уплаќаат ист придонес за осигурување во случај на невработеност“,
велат од Државниот завод за ревизија.
За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица, посочуваат од Државниот завод за ревизија.
