Во изјавата за локалните медиуми, директорот на претпријатието Горан Павиќ наведува дека поднесува оставка од морални причини, со оглед на тоа што постои сомнение дека убиството го извршиле со службено возило додека ги извршувале своите работни задачи
Директорот на јавното претпријатие „Водовод“ од градот Бор во Србија, Горан Павиќ, поднесе оставка од функцијата по случајот со двегодишната Данка, за чија смрт се осомничени двајца вработени во тоа претпријатие.

Во изјавата дадена за локалните медиуми, како што пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), Павиќ наведува дека поднесува оставка од морални причини, со оглед на тоа што постои сомнение дека убиството го извршиле со службено возило додека ги извршувале своите работни задачи.
„Ќе поведам кривична и сите други правни постапки против осомничените, како и против сите други вработени и одговорни лица во претпријатието кои со своите пропусти, дејствија или непостапување придонеле осомничените да останат десет дена на слобода“,
изјавил директорот на ЈП „Водовод“ од Бор.
Информацијата дека Павиќ поднел оставка од директорската позиција во претпријатието на прес-конференција ја потврди и градоначалникот на Бор, Александар Милекиќ.
Во меѓувреме српската полиција продолжи со потрагата по телото на девојчето.