Груевски како доказ дека обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ се неосновани објави фотографии од препорачаните пратки до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК)
Директорот на „Национални шуми“ и член на Либерално-демократската партија (ЛДП), Валентин Груевски, излезе со реакција на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека крие имот и побара извинување од опозициската партија која во понеделникот најави, а вчера почна со објавување податоци во аферата што партијата ја нарече „Тајни имоти“.

Груевски како доказ дека обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ се неосновани објави фотографии од препорачаните пратки до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).
„Вчера на прес-конференција еден од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ објави податок дека не сум го доставил мојот имотен лист и дека можеби ги кријам моите куќи во Битола и Ресен. Да не беше смешно, ќе беше жално или, пак, обратно“,
вели тој.
Груевски додава дека куќата во Битола е изградена во 1985 година и е наследство од неговиот татко, а во неа живее со сопругата над 20 години.
„Куќата во Ресен, село Курбиново, е со големина од цели 22 квадратни метри и таа е една четвртина од стара куќа, градена пред педесетина години. Наводно сум го скрил и ‘голфот’, пријателите мои го знаат, произведен е 2009 година“,
наведува Груевски.
Пратеникот на ВМРОП-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, вчера на прес-конференција на која објави податоци за наводно криење на имот од страна на лица блиски до власта, меѓу другите посочи дека имот криел и директорот на ЈП „Македонски шуми“, Валентин Груевски.
„Имено, од претходниот анкетен лист на Валентин може да се види дека поседува куќа во Битола и автомобил `фолксваген голф`, а неговиот брачен другар поседува куќа во Ресен. Дали има промени и зошто не го пријавил иако веќе бил функционер и знае дека тоа му е обврската“,
рече на Петреушевски на вчерашната прес-конференција.
Освен за Груевски, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на „Тајни имоти“ излезе со обвинувања за непријавен имот и аналитичарот и претставник на Владата во Управниот одбор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Алберт Муслиу, за адвокатот Ивица Јефтиќ и членот на Управниот дом на Здравствен дом Берово, Новица Печински.
Од опозициската партија и за денеска најавија нови податоци и имиња во аферата „Тајни имоти“.
ВМРО-ДПМНЕ ја објави аферата „Тајни имоти“ во понеделникот и обвини дека државни функционери од СДСМ и ДУИ, претседатели на комисии, директори и раководни луѓе на институции, вкупно 123 на број, кријат имот вреден 30 милиони евра.
Од партијата дадоа рок од 24 часа овие 123 функционери да го пријават имотот, а во спротивно ќе почнат да ги објавуваат точните податоци со имиња и презимиња.
Според пратеникот Петрушевски на списокот кој го поседуваат има куќи, станови, викендици, деловни простории кои се скриени од очите на јавноста.