„Забележувам дека подолг период јас како директор на Агенцијата за разузнавање, но и мојата сопруга и нејзината работа во невладиниот сектор сме објект на напад преку изнесување неточни и лажни информации пласирани на начин да звучат како скандал кој се изнесува од страна на партиски субјекти, лажни профили на социјалните медиуми, како и на еден телевизиски медиум“, стои меѓу другото во реакцијата на директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу
Муслиу категорично ги отфрли наводите на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, кој денеска обвини дека директорот на Агенцијата за разузнавање се меша и влијае врз Владата на С Македонија за работи поврзани со невладиниот сектор во земјава, каде што работи и неговата сопруга. Тој вели дека на овој начин му се нанесува огромна штета нему, но и на неговата сопруга која 23 години работи во невладиниот сектор и вели дека овој напад е наменски и оркестриран за да ѝ се наштети во активностите што таа ги извршува, а кои имаат благородна намена.
„Забележувам дека подолг период јас како директор на Агенцијата за разузнавање, но и мојата сопруга и нејзината работа во невладиниот сектор сме објект на напад преку изнесување неточни и лажни информации пласирани на начин да звучат како скандал кој се изнесува од страна на партиски субјекти, лажни профили на социјалните медиуми, како и на еден телевизиски медиум“,
вели Муслиу.
Тој вели дека досега се воздржувал од реакции на сите невистини кои биле пласирани за него и неговото семејство, но и за сите погрдни имиња што ги добива од лажни профили на социјалните мрежи кои честопати го навредувале и на етничка основа. Вели дека сите напади нема да го поколебаат да ја предводи Агенцијата и да го заокружи процесот на реформи, а ниту, пак, ќе ѝ наштетат на неговата сопруга која е истакнат професионалец во нејзината бранша.
„Постојано манипулирате во јавноста повикувајќи ги ДКСК и ЈО, иако веќе требаше тоа да го сторите пред повторно да ја вртите истата лента полна со лажни информации на оваа прес-конференција“,
се вели во соопштението на Муслиу.
Дополнително, Муслиу му порача на Ковачки партиските битки за освојување на политичката власт да ја води на политичко поле со проекти, како и во Собранието, а не преку лажни вести со кои се омаловажува директорот на Агенцијата за разузнавање и воедно побара јавно извинување.