Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција при МВР и Одделението за криминалистички работи Карпош вчера во 18 часот, привеле пет лица, и тоа Д.М.(25), А.М.(43), М.Х.(45), В.Г.(46), вработени во Зоолошката градина во Скопје и З.Р.(44), надворешен соработник.
При извршена обиколка на Зоолошката градина, по претходно добиени сознанија, тие биле затекнати во помошните простории на Зоолошката градина (кујна за подготвување храна за животните) како подготвуваат храна од коњи (12 коњи и една мазга) кои ги колат на лице место за месото да го употребат како храна за дивите животни во Зоолошката градина, информираат од МВР.
„Лицата се приведени во полициска станица, каде дополнително бил повикан и К.С.(35), директор на Зоолошката градина, со кого бил извршен службен разговор. На лице место излегле и инспектори од Агенцијата за храна и ветерина, кои констатирале неправилности во постапката и го одзеле месото. Од страна на СВР Скопје против сите шест лица ќе биде поднесена кривична пријава до ОЈО Скопје,“
соопшти МВР.
Вчера доцна попладне градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска го разреши в.д директорт на Зоолошката градина Кристијан Стаменов по објавите дека дозволил масакр на коњи за да се хранат лавовите.
„Културна, образовна и научна се основните дејности на ЗОО Скопје, а нејзина основна цел е да ги чува, одгледува и презентира живите експонати и истите да ги направи достапни за пошироката јавност. Личната одлука превземена од страна на директорот не соодветствува со основните заложби за хумано чување и одгледување на животни и за истото мора директорот да понесе одговорност, поради што истиот се разрешува“,
стои во соопштението од Град Скопје.