Компаниите што имаат до 50 вработени ќе може да отпуштат најмногу 15 проценти од вработените во периодот кога се користи мерката, а за оние со над 250 вработени дозволени се максимум пет проценти отпуштања
Управата за јавни приходи го надгради системот за аплицирање и добивање на средствата за исплата на минимални плати за вработените во приватни фирми кои забележале загуби поради кризата со коронавирусот, што е една од една од економските мерки на Владата.
За ова информира директорката на УЈП, Сања Лукаревска, на денешната заедничка прес-конференција со министерката за финансии Нина Ангеловска, посочувајќи дека Владата се грижи секое вработено лице да го задржи своето работно место.
„Оваа мерка се воведува токму заради тоа да се спречи отпуштање на вработени“,
рече Лукаревска.
Работодавачите што ќе побаруваат средства за исплата на плати на вработените за месеците април и мај, како што рече, веднаш по завршување на овој месец, а најдоцна до 7 мај треба да поднесат образец до УЈП преку системот е-даноци. Ова важи за исплата на платите за април, додека апликациите за мај треба да се достават до 7 јуни.

УЈП ќе го потврди барањето во рок од три дена, а откако работодавачот ќе добие потврда дека барањето е комплетно треба да внесе податоци за вработените. Фирмите, како што рече Лукаревска, истовремено може да користат и друга мерка – за субвенционирање данок на доход. По обработката на барањето за оваа мерка, УЈП го известува работодавачот за сумата што му е одобрена и го информира Генералниот секретаријат на Владата за фирмите што ги исполнуваат критериумите за исплата на средствата.

„Оваа финансиска поддршка ќе почне да се исплатува од 10 мај за платите за април, односно од 10 јуни за платите за мај. Роковите за исплата на плата остануваат непроменети, согласно законските одредби. За време на траењето на мерката, работодавачот не смее да исплаќа дивиденда, односно награди и бонуси и не смее да го намали бројот на вработени во однос на март 2020 година за повеќе од 15 проценти ако имал до 50 вработени “,
рече Лукаревска.
За фирмите со над 50 вработени процентот на можни отпуштања е ограничен на 10 проценти, а на пет проценти за компании со над 250 вработени. Исклучок од ова се пензионирани лица и починати работници, информира директорката на УЈП.
Лукаревска објасни и под кои услови фирмите ќе треба да ја враќаат финансиската поддршка од државата, а во која нема да имаат таква обврска.
