Навремено да се добиваат резултатите од тестовите на здравствените работници во кумановската болница, апелира директорката Снежана Захариева, за да може да се добие реална слика во ситуација кога болницата веќе има намален персонал, но и 30-ина пациенти со коронавирус
Гинеколошко-акуштерското одделение, за да ги заштити пациентките, нема да прима нови, туку ќе ги препраќа во Скопје
Општинскиот штаб од Куманово втор ден по ред преку официјални соопштенија бара од здравствените власти побргу да се добиваат резултатите за земените брисови, пред сè, оние од персоналот во кумановската болницата. Итно да се направи контрола на преостанатите болнички капацитети во Куманово и да се обезбеди дополнителен персонал за тамошниот Центар за јавно здравје, се меѓу барањата на штабот.
Дел од ова кризно тело е и директорката на болницата, доктор Снежана Захариева. По упатените барања до Владата, но и по денешните информации дека четири медицински сестри од Куманово се меѓу новите 46 случаи на ковид-19 во земјава, разговаравме со директорката за состојбите и капацитетите на болницата.

„Дополнителни болнички легла, ако има потреба, ќе најдеме, но сериозен предизвик е состојбата настаната поради ограничениот персонал“,
вели Захариева.
Во болницата во Куманово, потенцира таа, се лекуваат 30-ина лица позитивни на ковид-19, бројката постојано се менува и доаѓаат нови пациенти, а од друга страна персоналот се намалува.

Заедно со администрацијата, техничките служби и медицинските лица, како вработени во оваа установа се водат окоу 680 лица. Но, бројот е десеткуван. Досега, вели директорката, позитивни на коронавирус се 24 лица, над 70 се во изолација, а 60-70 вработени, пак, се ослободени во оваа ситуација поради времена болест, бидејќи се самохрани родители итн.
Една од медицинските сестри која денеска беше потврдена како позитивна, покрај грижата за пациентите, го обучувала и останатиот персонал од другите одделенија за третман на пациентите со ковид-19, а сега и таа и тие што биле во контат со неа се ставени во изолација.
Од останатите денешни случаи има уште една медицинска сестра од инфективниот оддел каде кога станува збор за лекари инфектолози, во моментов работат само двајца.
Другите две медицински сестри, како што веќе објавивме, се од гинеколошко-акушерското одделение.
Токму за овој оддел, вели директорката, одлучиле од денеска да не прима нови пациентки.
„Заради безбедноста на пациентките, донесовме заклучок да примаме само витално загрозени случаи, додека сите останати засега да ги упатуваме во Скопје“,
вели Захариева.
Еден од чекорите кои беа преземени изминатиот период за да се помогне на персоналот во кумановската болницата, беше испраќање на две лекарки од Скопје и Штип.
„Имаме две колешки интернисти од Скопје и Штип, на кои сум им бескрајно благодарна, бидејќи работат многу посветено. Тие не се инфектолози, но тука се како поддршка на општите лекари и специјализантите“,
вели директорката на кумановската болница.
Таа посочува дека е свесна оти тоа што денеска се соочуваат со недоволен стручен кадар се должи на лошата кадровска политика која со години се водела, кога се давале специјализации на популарните насоки, па сега има дефицит од инфектолози, рендген-дијагностичари итн.
„Сега ова не се решава, не е проблем кој може да се реши преку ноќ, но имам една забелешка. Знам дека има голем број на тестирања кои се спроведуваат, но 5 до 12 е и затоа треба да се изнајде солуција за навремено добивање на резултатите“,
апелира Захариева.
Ова барање, стои и во денешните заклучоци од состанокот на Општинскиот штаб за заштита и спасување, при што се нагласува дека ненавремените резултати креираат нереална епидемиолошка слика за Куманово.

„Барање до Министерство за здравство, Комисија за заразни болести и ИЈЗ – Скопје да даде приоритет на тестовите за сите земени брисови на територијата на Општина Куманово за здравствените работници и, воедно, благовремено да го информираат ЦЈЗ – Куманово за позитивни и негативни резултати од тестовите, поради фактот дека за поголемиот број брисови коишто се испратени за анализа, не се добиваат резултати навремено, со што сметаме дека се креира нереална епидемиолошка слика во Општина Куманово“,
пишува во барањето на кумановскиот кризен штаб.
Кумановските случаи со медицинскиот персонал не се единствени, но се најбројни. Според вчерашниот извештај на Институтот за јавно здравје, без денешните случаи, на ниво на цела држава заразени со ковид-19 се 72 здравствени работници.
30-ината пациенти, пак, за кои Захариева вели дека се лекуваат во кумановската болницата, не беа споменати на последната прес-конференција од министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој информираше за состојбата во други здравствени установи, при што посочи дека на Инфективната клиника во Скопје се сместени 68 лица од кои 20 се со потешка клиничка слика, а 7 се во критична состојба и се ставени на респиратори. Во градската болница „8 Септември“, пак, има 25 пациенти од кои 5 се во тешка состојба, сместени се во делот за интензивно лекување и се приклучени на вештачка вентилација.
Во Битола, посочи Филипче, има четири пациенти од кои тројца се стабилни, а на еден му е потребна кислородна поддршка.
Во Штип, пак, на болнички третман се 4 пациенти кои се во стабилна состојба.