Германското претседателство, со поддршка од широко мнозинство, не се откажува од амбицијата рамката да биде усвоена во ноември, што би отворило пат за прва меѓувладина конференција до крајот на годинава, иако не е исклучено и одложување, јави МИА
Дипломатите на земјите членки се состанаа утрово, во рамките на телото за проширување во Советот на ЕУ, за да разговараат за нацрт-преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија како главна тема на дневен ред, јави МИА од Брисел.
Ова е првпат земјите членки да се состанат за да разговараат темелно за преговарачките рамки за двете земји, но и за новата преговарачка методологија на ЕУ, предложена и усвоена во март оваа година.
Според дипломати од земјите членки на ЕУ, атмосферата денеска била “добра“, а германското претседателство, со поддршка од широко мнозинство земји членки на ЕУ, не се откажува од амбицијата рамката да биде усвоена во ноември годинава, што би отворило пат за одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на оваа година, иако не е исклучено одложување, објави МИА.
Како што се пренесува, од повеќе дипломатски извори е потврдено дека една земја членка, сосед на Северна Македонија, и натаму има проблем со одредени делови на преговарачката рамка, прашање во кое не навлегуваат другите земји на ЕУ. Бугарија има право да блокира доколку оцени дека не е задоволна, но напорите да се постигне компромис до ноември продолжуваат, велат дипломатите во Брисел.
Бугарската страна, наводно, била „гласна“ на денешниот состанок околу прашањата што им претставуваат проблем, како јазикот, на пример, кој во предлог рамката е јасно именуван како македонски јазик.
На состанокот се разговарало и погенерално за методологијата на преговорите, за што, според дипломатите, дебатата одела “мазно“ и без судири.
Во петок продолжуваат дискусиите на техничко ниво во ЕУ. Земјите членки во наредниот период планираат темелно да ги разгледуваат и предлог рамките и методологијата, со надеж до ноември да постигнат компромис, како што посакува германското претседателство.