Долгогодишниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ одби конкретно да одговори на прашањето дали Христијан Мицкоски треба да поднесе оставка од претседателското место во партијата, со образложение дека треба да се направи анализа и дека домашните работи прво дома се разгледуваат
Предвремени избори идната година заедно со локалните, поради нефункционална и нестабилна влада, независно кој ќе ја формира – прогнозира Илија Димовски, долгогодишен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ кој во „Само вистина“ на ТВ Канал 5 порача дека изборите беа со најмала излезност досега, што според него е порака за сите политички елити. Според Димовски, освен другите партии, и СДСМ се губитници на овие избори поради намалениот број освоени гласови од претходните изборни циклуси.
„Кој и да фомира влада тоа може да се движи од 61 до 64 пратеници на било која страна, освен опција на голема влада. Таа влада ќе биде нестабилна со мала можност за реформски закони, освен можноста за формирање голема влада која во оваа констелација е многу тешко поради тоа што овие три години како се менаџираше Собранието, со притисок врз пратениците, ќе биде тешко. Затоа, таа влада нема да трае долго, ова ќе биде најнестабилен парламент“,
изјави Илија Димовски.
Според Димовски, ВМРО-ДПМНЕ не направила задоволителни резултати бидејќи имала поголем потенцијал. Според него, потребни се измени кои ќе доведат до демократизација на партијата.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да направи квалитативни промени, кадровски, стратегиски, концептуални. Повикувам на статутарни промени и секоја промена што води кон демократизација ја поддржувам“,
посочи Димовски.
Димовски одби конкретно да одговори на прашањето дали Христијан Мицкоски треба да поднесе оставка од претседателското место во партијата, со образложение дека треба да се направи анализа и дека домашните работи прво дома се разгледуваат.