Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска на маргините на Минхенската безбедносна конференција имаше билатерална средба со министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева. Средбата беше искористена за подготвителните активности во светло на Берлинскиот процес со кој копретседаваат двете земји, информираат од МНР.
„Одличната соработка меѓу тимовите на двете земји е во духот на она што е наша главна дипломатска цел – да ги зацврстиме темелите на мостовите што ги поврзуваат земјите од регионот и преку копретседавањето на Берлинскиот процес сите заедно да зачекориме напред. Голема одговорност, но и вистинска шанса и за нас и за Европа”.
изјави Димитров.
Министерот Димитров се сретна и со Карл Билд, поранешниот шведски премиер и актуелен копретседавач со Европскиот совет за надворешни работи во рамки на состанокот организиран од Охридската група.
„Со оглед на досегашното македонско патешествие кон ЕУ, за европската перспектива да биде кредибилна, потребна е одлука за отворање на пристапните преговори без одлагање.“
– порача Димитров