Во кампањата гледам дека Гордана Силјановска е потполно во истата матрица и не е за вчера, туку пропагира политики за минатиот век, рече носителот на листата во првата изборна единица на коалицијата „Можеме“, Никола Димитров, во вечерашната дебата на Телма.
Тој зборувајќи за професорката Силјановска, која му е против-кандидатка во првата изборна единица од коалицијата „Обнова за Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека трча за политичка партија која има обвинение за злосторничко здружување.
„Едно чудо лаги изнаслушав од кампањава од 20 дена. Вие трчате за партија која, меѓу другото, има и обвинение за злосторничко здружување, втор пат сте кандидат, бевте претседателски кандидат, сега сте прва во Скопје. Велите не сте член на партијата, но и јас не сум член и да го користиме истиот аршин, мојата кауза е македонската кауза и за неа работам во моментов, за таа кауза е коалицијата ‘Можеме’ и СДСМ’“,
рече Димитров.
Тој додаде дека опозицијата е таа што го заборави европскиот пат и кога Европа бараше Закон за јавно обвинителство, тие гласаа против.
„И ден денес има една дрска неконзистентност во тврдењето дека треба да се обидеме да го поништиме Преспанскиот договор, а истовремено да очекуваме да почнеме на европскиот пат“,
рече Димитров.