На прашање за тоа дали земјава е подготвена да ги исполни гаранциите кои ги бара Бугарија и во која насока се тие, вицепремиерот испрати порака дека може да се најде европско решение кое се темели на европските принципи и кое не треба да допира во нашиот идентитет
Ако му пријдеме на проблемот со добра волја, можеме да направиме пресврт и да бидеме сите заеднички победници, порача вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров на заедничка прес-конференција во Скопје со германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот.
„Нема прашање меѓу два соседа и тоа добро го научивме, што може да се реши на тој начин што едниот ќе биде губитник, а другиот победник. Мора двата соседи да бидат победници и ова е возможно. Статус квото и одолговлекувањето на проблемот прави од нас губитници, и по многу од хероите за кои се разговара во заедничката комисијата, ако не гледаат од небото, мислам дека ги правиме исклучително несреќни“,
рече Димитров кој сепак предупреди дека не зависи сè од нас туку таков сличен приод треба да има и од другата страна.
Тој вели дека не треба да се дигаат раце, но истовреме не треба ни да се создаваат преголеми очекување. Детали за евентуалното решение не сакаше да сподели, но оцени дека дијалогот помеѓу Северна Македонија и Бугарија се возобновува и тоа треба да се искористи.
„Треба да работиме на разлутат, а не на подигнување на очекувањата. Нема да можам да зборувам многу детално за разговорите со оглед што сега фокусот е во дипломатските разговори и на некој начин ова што денес двајцата претседатели, Пендаровски и Радев, се сретнаа и се заедно во Рим, е јасен сигнал дека се возобновува дијалогот и мислам дека македонско-бугарското пријателство и заедничка европска иднина треба да ја искористи оваа шанса“,
рече Димитров.
На прашање за тоа дали земјава е подготвена да ги исполни гаранциите кои ги бара Бугарија и во која насока се тие, вицепремиерот испрати порака дека може да се најде европско решение кое се темели на европските принципи и кое не треба да допира во нашиот идентитет.
„Имаме договор што сакаме и македонската и бугарската страна да го имплементираме. Бугарското претседателство со Советот на Европа направи многу да ги врати нашиот регион во приоритетите на ЕУ, па имаше и самит во мај 2018 година. Ако мислиме на сето ова што нè поврзува и на македонско-бугарското пријателство, мислам дека со добра волја и пристап од двете страни, ова е возможно. Така што, гаранции на кое било од овие елементи на соодветен начин што нема да допрат во тоа што е наша работа бидејќи добрососедство е двонасочна улица, тоа подразбира почит кон другиот. Тука е и нашето право на идентитет. Тоа се наши работи и тоа е европски принцип. Исто така пристапниот процес е процес кој има врска со копенхагенските критериуми и треба да европеизира“,
рече Димитров.
Германскиот државен министер, Михаел Рот, на заедничката прес-конференција настапи со оптимизам дека уште во јуни годинава ќе се најде решение. Во спротивно, според него, ќе се загуби довербата во ЕУ.