Северна Македонија по 15 години во чекалната како земја кандидат и по разочарувањата во 2018 и 2019 година, конечно го поминува прагот и ќе може да ја започне следната заслужена фаза од својот европски пат, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров на денешната прес-конференција за одлуките Советот за општи работи на ниво на министри за европски прашања на Европската Унија.
Советот денеска даде политичка согласност за започнување на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија.
Според Димитров, и покрај вонредните околности предизвикани од ситуацијата со коронавирусот, Европската Унија најде време и волја веродостојно да оддаде признание за досега сработеното.
„Отсега па натаму, ние ќе имаме почетна точка од која ќе го мериме времето. Од кога започнуваме позитивен натпревар со останатите во спроведувањето на реформите и во усвојувањето на европските стандарди. И досега, но отсега па натаму уште повеќе од нас самите зависи. Северна Македонија конечно и безусловно ги започнува преговорите со Европската Унија, Советот недвосмислено потврди дека земјава остварила опипливи и одржливи реформски резултати во однос на реформите“,
рече Димитров.
Тој додаде дека Советот ја покани Комисијата веднаш да поднесе предлог-рамка за преговорите, како и да ја започне претходната подготвителна работа.
„Првата меѓувладина конференција ќе биде свикана што е можно поскоро по усвојувањето на преговарачката рамка. Советот ја поканува Комисијата да го заврши скрининг-процесот започнувајќи со кластерот за фундаменталните вредности. Би сакал вам македонски граѓани, граѓани на нашата држава, од срце да ви честитам за успехот, но и да ве потсетам, одлуката на Советот не дојде лесно ниту, пак, ни е подарена. Ние и вие заедно со макотрпна работа покажавме дека ја заслужуваме шансата во европската иднина. Претстоеја многу искушенија, изодевме тежок реформски пат во вонредни околности кога моравме да ја закрепнеме заробената правна држава“,
додаде Димитров.
Тој укажа и на склучувањето на Преспанскиот договор и ги усвојувањето на уставните амандмани. Посочи дека тој процес се одвивал со опструкции однадвор и однатре и дека не било едноставно да се постигне, но како земја сме покажале визија, разумност и политичка храброст.
Преговорите, вели Димитров, се еден вид обука да бидеме подобри. Според него, многу е поважно да ја искористиме оваа алатка за да станеме европска демократија со сите параметри отколку за една недела да влеземе во членство, а да ги имаме маките кои си ги имаме денес.
„Колку бргу ќе биде тоа, ќе зависи од сите нас, од оваа, од идната влада… Во моментот кога ќе влегуваме во членство ние ќе бидеме како европските држави кои ни се пример. Бидејќи долго време сме во процесот на ЕУ за стабилизација од 2001, а од 2005 сме кандидат, голем дел од законодавството ни е усогласено. Можеби негде 35 проценти во некои кластери, во некои имаме и половина. Важно е денеска да си признаеме дека имаме право на некој начин да се израдуваме, за две години и осум месеци оваа влада успеа да ги реши проблемите, да ги отвори преговорите, да влеземе во НАТО. Да се соочиме сега со коронавирусот да го победиме и имаме кон што да се стремиме“,
рече Димитров.
*ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
Спасовски: Ќе работиме посветено за брзо да се завршат преговорите за членство во ЕУ
Шекеринска: Бидна почеток на преговори со Европската Унија, честитки до сите наши граѓани!
Османи: Одлуката за преговори со ЕУ не ни е подарена, таа е заслужена