Поддршката и помошта од Грција за почетокот на пристапниот процес на Северна Македонија со ЕУ се очекува да биде централна тема во разговорите на македонските владини претставници со грчките колеги
Бујар Османи денеска во Атина ќе ја има својата прва официјална средба како шеф на дипломатијата со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас.
Грчкиот шеф на дипломатијата денеска ќе има средба и Никола Димитров, претходникот на Османи во МНР, кој сега отпатува во Атина како вицепремиер за европски прашања.
Димитров, како наследник на Османи во Секретаријатот за европски прашања, денеска ќе има средба со алтернативниот грчки министер за европски прашања Милтиадис Варвициотис.
На средбите што Османи и Димитров ќе ги имаат во Атина, каде што отпатуваа во придружба на премиерот Зоран Заев, се очекува да бидат отворени теми во рамките на билатералната соработка меѓу двете земји, како и актуелностите околу политичката динамика во регионот.
Османи, како што најавуваат од неговиот кабинет, на средбата со Дендиас, ќе ја отвори темата и за претстојните заклучоци во рамките на телата на Европската Унија, за усвојување на преговарачката рамка за Северна Македонија и одржување на првата меѓувладина конференција за време на германското претседателство, како формален старт на преговорите за полноправно членство во ЕУ.
Посебен фокусна средбата на двајцата министри ќе биде ангажманот и активностите на двете министерства во функција на интензивирање и продлабочување на политичкиот дијалог и вкупната соработка во различни области, согласно акцискиот план за соработка и имплементацијата на преземените обврски од Договорот од Преспа.
На средбата, исто така, се очекува да бидат отворени и сите останати теми од областа на билатералната соработка: реактивирање на размената во културата, поттикнување на комуникацијата и активностите за унапредување на економската соработка, прашањата за забрзување на проектите за гасната и железничката интерконекција, како и сите останати прашања од областа на севкупната општествена и политичка размена.
Меѓу другото, се очекува посебен осврт на работата на експертските комисии за унапредување на добрососедските односи, како и на разгледување на можноста за нивна поинтензивна комуникација и непречена работа во услови на ковид-19.
Османи на почетокот на мандатот најави интензивирање на комуникацијата со соседите, издигнувајќи го прашањето за добрососедските односи како врвен приоритет на надворешната политика, за што се очекува темите од оваа област да бидат во фокусот на неговата агенда во претстојниот период.
Главна тема на средбите на Димитров во Атина, пак, како што информираат од неговиот кабинет, ќе биде поддршката и помошта од Грција за почетокот на пристапниот процес на Северна Македонија со ЕУ, како суштински дел во новото поглавје на односите меѓу двете соседни земји.
Средбите се во рамки на првата владина посета во странство на премиерот Заев. Тој денеска во Атина учествува на панел-дискусија за Западен Балкан на конференцијата на „Економист“, а предвидено е да оствари средби со претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, како и со лидерот на опозициската СИРИЗА, Алексис Ципрас, со кого го постигнаа Преспанскиот договор.
„Резултатот од последните парламентарни избори во Северна Македонија покажува дека граѓаните знаат и да ги наградат политичарите кои донесуваат тешки одлуки кои се добри и од огромно значење за иднината на земјата и граѓаните. Потребна е силна политичка волја за да се решаваат сите деликатни прашања и тоа е охрабрувачка порака за Западен Балкан. Се надевам дека нашите постигнувања, договорите со Грција и Бугарија, се доволно инспиративни за лидерите во регионот да се посветат на негување на мирот и стабилноста, да ја зајакнеме регионалната соработка, да постигнеме поголем економски развој и да останеме до крај посветени на евроатлантските интеграции“,
истакна Заев на панелот посветен на иднината на Западен Балкан на конференцијата на угледниот магазин „Економист“, на тема „Европа: Зајакнување на кохезијата во турбулентни времиња“ за брз и ефикасен излез од кризата предизвикана од пандемијата со ковид-19.
Заев нагласи дека Договорот од Преспа е одличен пример за успехот на дипломатијата и дијалогот.