Голем дел од македонските државјани кои беа заглавени по граничните премини се враќаат во земјава, информираше министерот за надворешни работи Никола Димитров.
„Долг ден ама вредеше. Голем дел од македонските превозници ја поминаа италијанско-словенечката граница, со обезбедена траса преку Хрватска и Србија. Граѓаните што денот го поминаа на Бајаково/Батровци на хрватската страна, влегуваат во Србија. Исто така, голема група македонски државјани кои чекаа на преминот Хоргош во Унгарија почнаа да влегуваат во Србија. Ве чекаме дома!“
напиша Димитров на својот профил на Фејсбук.
Голем дел од нив со часови останаа заглавени на граничните премини, откако државите почнаа да ги затвораат границите поради коронавирусот. Утрово Министерството за надворешни работи ургираше и за слетувањето на група патници од аеродромот во Малта, кои со лет преку Истанбул се вратија на аеродромот во Скопје.
За проблемот на граничните премини министерот Димитров во текот на вечерта телефонски разговарал со српскиот колега Ивица Дачиќ, а утрово имаше разговор и со словенечкиот министер за надворешни работи Анже Логар за враќање на македонските превозници кои беа заглавени на италијанско-словенечката граница. Во меѓувреме, превозниците во текот на денот беа обезбедени со храна и вода од македонската амбасада во Љубљана.