„Дојде и тој ден! Македонското знаме гордо се вее меѓу 29 знамиња на НАТО сојузниците. Безбедна и сигурна иднина!“, напиша денеска шефот на дипломатијата Никола Димитров на неговиот официјален Фејсбук профил.
„Една држава е силна колку што и’ е силна армијата. Една држава е силна колку што и’ е силна економијата. Една држава е силна колку што и’ се силни демократските институции. Но една држава е исто така толку силна, колку што и’ се бројни и силни сојузниците. Во нормални и во вонредни околности. Ќе не биде!“,
напиша Димитров на Фејсбук, кој ја следеше свечената церемонија на кревање на знамето на нашата земја попладнево пред седиштето на НАТО во Брисел преку видео врска заедно со премиерот Оливер Спасовски и целиот кабинет на министри во зградата на Владата.
Денеска со церемонијата на кревање на македонското знаме во седиштето на НАТО во Брисел се означи официјалното пристапување на земјава во Северноатлантската алијанса.