Шефот на дипломатијата ѝ постави повеќе прашања на својата ривалка од ВМРО-ДПМНЕ во првата ИЕ во врска со иднината на Преспанскиот договор, откако таа се заложи за негово поништување
Актуелниот шеф на дипломатијата и носител на лисатата на СДСМ во првата изборна единица Никола Димитров ја повика денеска својата ривалка од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјаноска Давкова да ѝ појасни на јавноста дали се залага за поништување на Преспанскиот договор.
„Слушнавме во текот на викендот дека Гордана Силјановска ќе барала да се поништи Преспанскиот договор, што го поддржаа речиси 610.000 македонски граѓани на рефередумот, кој за да биде успешен не ни фалеа гласови ‘за“, туку „против’. Тоа е Договор што го поддржаа две третини од пратениците во Собранието, што не зачлени во НАТО и ни ги отвори вратите за членство во ЕУ“,
изјави Димитров, на предизборен настан во центарот на Скопје.
Силјаноск, претходно, порача дека ќе бара поништување на Преспанскиот договор, посочувајќи дека е можно враќање на старото уставно име преку Уставниот суд.
Како што истакна, Македонија е името што сме го наследиле од нашите предци и што е константа во сите сложени имиња во историјата на државата.
–„Прво, како Демократска Федерална Македонија, па Народна Република Македонија, подоцна Социјалистичка Република Македонија, па Република Македонија во независноста и сега Северна Македонија. Која е константата во сите овие сложени имиња – именката Македонија. Ниту сме Мадагаскар, ниту сме ние Маурициус или Монголија, уште помалку Скопје“,
посочи Димитров, потсетувајќи на зборовите на медијаторот Метју Нимиц, оти по Преспа веќе никој не може да спори дека во земјава живеат Македонци кои зборуваат македонски јазик.
Димитров праша дали Силјаноска се залага да го поништиме Договорот што е гарант на македонската иднина, да го симнеме знамето на НАТО од пред Собранието, да заборавиме на Е. Дали, како што рече, повеќе сакаме преплатени споменици и да ни се обраќаат со ПЈРМ.
„Дали вие сте подготвена за последиците од ваков чекор. Дали сте воопшто сериозн?.Во слепиот занес за власт ќе уривате историски чекори што воопшто не ги разбирате. Со каква тоа неподнослива леснотија се дрзнувате да се расфрлате со вакви закани по македонската иднина? Ако вашата понуда е поништување на Преспа, што им нудите на Македонците кои зборуваат македонски јазик како алтернатива за НАТО – членството и за пристапниот процес со ЕУ“,
рече Димитров.
Тој ја запраша својата опонентка, во случај да беше пратеничка во досегашниот состав на Собранието, како бил гласала за ратификацијата на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО.
„Разбирам дека Силјаноска често делува небаре се срами од партијата што ја кандидирала и чиј носител е. И јас би се срамел. Но, освен што не го познава партискиот статут, очигледно не ја прочитала ниту програмата, каде што ВМРО-ДПМНЕ, сепак, не се осмелува да отиде дотаму па буквално да напише дека ќе го поништи Договорот кој е гаранција за македонската иднина“,
истакна Димитров.