Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски на својот Фејсбук профил појаснува зошто во време кога чекал резултати за ковид-19 беше на средби со владини преставници и општинскиот кризен штаб.
Позитивен резултат на коронавирус Димитриевски вели не очекувал, бидејќи еднаш бил тестиран пред две недели, а резултатите биле негативни. Средбата во Куманово пак, на која присуствуваа техничкиот премиер Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министрите Венко Филипче и Арбер Адеми, посочува дека била на барање на Владата и претпоставувал дека функционерите биле информирани за тестирањето.
„Во ниеден момент не сум дозволил да загрозам нечие здравје со моето однесување. Резултатите од тестовите што по вторпат се прават за целиот Кризен штаб и придружните членови и луѓе ангажирани во ризични подрачја ги чекавме пет дена. Средбата во Куманово со владини претставници не беше остварена на моја покана, туку на барање на Владата. Информацијата дека постојано се прават проверки на здравјето на лицата од општинскиот кризен штаб е јавна и ја знаат сите членови на штабот и институциите на министерството за здравство на локално ниво“,
вели Димитриевски.
Тој додава дека на средбата сите биле заштитени, освен кога со Спасовски давале изјави за медиуми, но како што вели, биле на дистанца. Евентуална одговорност за случајот вели нека утврдат институциите.
„Се поставува прашање ако се следат епидемиолошките алгоритми на комисијата за заразни болести како досега не бевме оценети како ризични бидејќи очигледно сме заразени од лице кое веќе имало вирус. Куманово е град каде има најголем број случаи според број на жители, секој од нас носи одговорност, јас најголема и поради тоа барав од Владата со недели да бидеме изолирани. Истрата нека ја утврди фактичката состојба и евентуалните системски недостатоци, пропусти и одговорност. Не сакам оваа ситуација да прерасне во јавна дебата без потреба, мора да се сконцентрираме и сите заеднички да ги насочиме силите и да ја поразиме епидемијата“,
порача Димитриевски.
За случајот во Куманово вонреден инспекциски увид најави Државниот санитарен и здравствен инспекторат за утврдување на евентуална одговорност кај Димитриевски, бидејќи на средбата со владините претставници не кажал дека бил тестиран за коронавирус.
По веста за неговите позитивни резултати за ковид-19, владините функционери беа испратени во самоизолација.