Во оваа држава треба да постојат органи и тие нека утврдат одговорност, вели градоначалникот на Куманово откако се зарази со коронавирус и ги прати во изолација премиерот и тројца министри
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, во гостување на емисијата „Стадион“ на Канал 77, кажа дека жали за новонастанатата ситуација, откако по средба со премиерот Спасовски и министрите Филипче, Османи и Адеми, тој доби позитивен резултат на ковид-19 и ги стави во самоизолација владините претставници. Димитриевски вели дека целиот настан беспотребно „се дува“ и се користи за правење наслови во медиумите.
„Во оваа држава треба да постојат органи, нека утврдат одговорност. Јас, искрено, жалам за тоа што се случи, прво затоа што јас и моите соработници излеговме позитивни. Тестирањето беше скрининг, по проценка на епидемиолозите. Единствениот проблем овде, можеби, е тоа што нема регулатива што го регулира сето ова, инаку никогаш ниту би посакал на некој да му се случи ова, ниту би сакал да доведам некого во ризик. За жал, направен е пропуст. Ние сите работиме под притисок, но суштината не е ова, има органи нека утврдат“,
рече Димитриевски.
Кумановскиот градоначалник потсетува дека тој не го организирал настанот, туку новинарите добиле покана од Владата.

Димитриевски, кој бил тестиран неколку дена претходно, но сѐ уште немал добиено резултат, вели дека на прес-конференцијата ја тргнал заштитна маска оти со неа тешко се зборува.

„Кога новинарите ви земаат изјава, мора да ја тргнете маската за момент, затоа што не можете да зборувате и не се слуша убаво, дури и новинарот е принуден многупати на истото и затоа инсистираме на дистанца меѓу нас“,
вели Димитриевски.
Тој вели дека министерот Филипче и претходно бил во посета на градската болница.
„Зошто немаше ваква реакција кога два дена претходно истиот тој министер беше во посета на градската болница во Куманово, седеше на иста маса дури и на поголема близина со сите тестирани членови во градската болница, од каде што исто така член испадна позитивен, па никој не водеше постапка и никој не го информирал министерот итн. Потоа, истите тие луѓе ја посетија градската болница. Мислам дека се работи за нешто друго, а видовме неколку пати особено вчера како буквално се прават чисти инсинуации“,
рече Димитриевки во гостувањето на Канал 77.

Инспекторите „чешлаат“ дали има одговорност кај Димитриевски или кај некој друг
Вчера Државниот санитарен и здравствен инспекторат отпочна вонреден надзор за да утврди дали и кај кого има одговорност за настанот што ги одведе премиерот и тројца министри во изолација.
„ДСЗИ со вонреден инспекциски надзор утврдува дали има одговорност за случајот со Куманово. Во рамки на своите надлежности, Инспекторатот ќе направи увид секаде каде што е потребно. Меѓутоа, многу е рано да зборуваме за исходот или за тоа кога може да се заврши увидот“,
рече за „360 степени“ директорката на ДСЗИ, Иринка Сотирова-Бухова.
Министерот Венко Филипче, кој поради ова сега држи прес-конференции од својот дом, кажа дека владините претставници немале информација дека градоначалникот се тестирал. Да знаевме, поинаку ќе се организиравме, рече Филипче.
Но, градоначалникот Димитриевски мислел оти Спасовски и министрите се службено информирани за скрининг-тестирањето.