На новинарско прашање во врска со разговорите за новата влада, Димитриевски вели дека сè уште не се договорени никакви кадровски решенија додавајќи дека за нив во втор план се поделбата на власта и министерските позиции. Во прв план, според лидерот на Знам, е да го исполнат она што го ветиле во предизборниот период
Движењето ЗНАМ очекува многу од овој парламентарен состав. Верувам дека како потенцијален партнер во идната власт ќе дадеме свој придонес со нашето политичко дејствување бидејќи веќе сериозно разговараме за имплементација на дел од нашите програмски определби во идната владина програма и владин состав.
Ова денеска го изјави лидерот на Движењето ЗНАМ – „За наша Македонија“, Максим Димитриевски, пред влезот на Собранието пред почетокот на денешната конститутивна седница на парламентот одговарајќи потврдно на новинарското прашање дали ќе го поддржат Африм Гаши, претседателот на партијата Алтернатива, која на изборите настапи како дел од коалицијата „Вреди“, доколку биде предложен за претседател на Собранието.

„Сакам да посакам успех на новиот собраниски состав. Чест ми што денеска имам можност да присуствувам на оваа конститутивна седница. На пратениците им посакувам да ги застапуваат граѓанските интереси, а потоа и политичките платформи. Сепак, се народни пратеници, избрани од граѓаните“,
рече тој.
На новинарско прашање во врска со разговорите за новата влада, Димитриевски вели дека сè уште не се договорени никакви кадровски решенија додавајќи дека за нив во втор план се поделбата на власта и министерските позиции. Во прв план, според лидерот на ЗНАМ, е да го исполнат она што го ветиле во предизборниот период.
Во Собранието во 11 часот започна седницата на која треба да биде конституиран новиот парламентарен состав по изборите одржани на 8 мај.
На дневен ред се четири точки, како избор на претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието на Република Северна Македонија; Верификација на мандатите на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија; Предлог за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Северна Македонија и Избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија.
Според новиот Деловник за работа на законодавниот дом, конститутивната седница може да трае најмногу три дена, а завршува со изборот на претседател на Собранието.
Новиот парламентарен состав ќе брои 120 пратеници, но на денешната седница се очекува да присуствуваат 118 пратеници чии мандати се веќе потврдени од Државната изборна комисија и кои добија уверенија од ДИК. За преостанатите два мандати за кои се прегласуваше минатата среда (22 мај) сè уште течат жалбените постапки.
Во новиот состав на законодавниот дом најмногу пратеници, односно 58 ќе има коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, „Коалицијата за европска Македонија“ на СДСМ ќе брои 18 пратеници, коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ ќе има исто 18 пратеници, коалицијата „Вреди“ ќе има 14, а Левица и Движењето ЗНАМ – „За наша Македонија“ ќе имаат по шест пратеника.