Потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска обвинува дека најавите за ново задолжување од владата ќе ја фрли Македонија на колена. Според неа, за само две години Владата на СДСМ и ДУИ ја задолжиле државата со нови 1,6 милијарди евра, а со новото повисоко задолжување оваа година кое се планира со ребалансот на буџетот, новиот долг за само три години ќе биде 2,3 милијарди евра и ќе достигне историски врв од 7,9 милијарди евра. Според Димитриеска-Кочоска, со вакво темпо, вкупното задолжување коешто го направи владата за период од 6 години, го надминало 10 годишното задолжување на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ – 3,2 милијарди евра за 6 години, наспроти 2,9 милијарди евра за 10 години.
„Но, зошто се задолжија? Во 2020-та година се задолжија за да и помогнат на државата во услови на здравствена и економска криза. Дали успеаја? Не. Најлоши сме во поглед на борбата со пандемијата во светски рамки и најлоши сме во остварувањето на економијата. И покрај високото задолжување не успеа да ја стабилизира економијата во 2020-та година при што доживеавме најдлабок пад по оној од осамостојувањето од 6,1%, пад којшто беше двојно повисок од интерниот конфликт во 2001 година и пад којшто беше најдлабок во регионални рамки. Во 2021 година имавме раст на економијата од само 4%, што е најслабо остварување во регионални рамки. Немавме ниту една капитална инвестиција,
вели Димитриеска-Кочоска.
Како што вели, на повидок е ново задолжување кое владата го правда со енергетската криза и негативните ефекти од војната во Украина. Најавениот заем од ММФ, смета Димитриеска-Кочоска ги потврдуваат нивните сомнежи во неколку сегменти.
„Според министерот, приливите во буџетот се собираа според планот, немаше потреба за брз ребаланс, се беше под контрола. Но, самиот заем од ММФ кажа дека е за буџетско финансирање коешто и оваа година со ребалансот ќе го прошират, зошто повеќе трошат отколку што собираат приходи. А, приходите се собираат заради високата инфлација, а не заради добрите остварувања во економијата. Ако не беше така, ќе имавме уште поголема буџетска дупка. Според министерот за финансии, квалификувањето за овој заем од ММФ не прави посигурни пред инвеститорите на меѓународните финансиски пазари. Ова било потврда дека Владата има здрави економски политики. Значи без потврда на ММФ, инвеститорите немаа доверба во политиките на Владата, и затоа еврообврзница за оваа година се одоговлечува. Веројатно, немаше кој да инвестира во неа, што ќе беше погубно за рејтингот на нашата држава“,
вели потпретседателката на партијата.
Таа се осврнува и на други сегменти од најавеното задолжување.
„Пониска каматна стапка од 1% со заемот на ММФ, наспроти очекуваната од 4,5-5% којашто треба да ја платиме ако издадеме еврообрзница. Го прашувам министерот, што се смени за една година кога се фалеше дека заради добрите политики на Владата и добриот кредитен рејтинг ни дадоа историски ниска камата на тогашната еврообврзница од 1,65%? Значи, инвеститорите се уплашиле дека оваа Влада не испорачува добри политики како што ги ветуваа или пак ниската каматна стапка од лани беше рефлексија на условите на пазарите, а не на достигнувањата на оваа Влада ? Доколку имаме ваква линија за финансирање, тоа ќе значи зајакната контрола на буџетските средства од страна на ММФ. Нема да има раст (или не висок) на платите во јавниот сектор, што ќе биде алиби на Владата дека немаат можност да ги зголемат истите. А, зошто немаше пари за раст на плати во јавниот сектор?“,
вели Димитриеска-Кочоска.