Дополнителната заменик-министерка за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска на прес-конференција во Министерството за финансии (МФ) обвини за опструкции во нејзината работа во Министерството.
Според неа, вчера од кабинетот на министерката бил испратен допис до сите вработени, во кој, како што рече Димитриеска-Кочоска, се укажува дека на секое нејзино барање што ќе биде упатено до кој било раководител на сектор или државен советник, одговорите прво ќе се праќаат до кабинетот на министерката, а подоцна до неа.
Димитриеска-Кочоска рече дека ова е спротивно на членот 49 од Законот за Владата, кој јасно укажува кои се должностите на дополнителниот заменик-министер, и оти тој има непречено право да ги гледа документите и извештаите што ги добива и министерката за финансии, а вработените се должни да ги доставуваат документите на барање на дополнителниот заменик-министер. Таа оцени дека оваа влада и натаму останува нетранспарентна.
„Вчера остварив контакт со министерката и таа во медиумите се произнесе дека постоеле одредени процедури во Министерството и ќе комуницираме врз основа на тие процедури. Процедурите се прават кога оди некоја информација од одобрил-изгтовил, не барам да добивам податоци за нешто што е во тек, туку готови информации, што не се во рамки на процедури“,
рече Димитриеска-Кочоска, која смета дека целта на сето ова е криење и извртување на податоците.
Министерката за финансии Нина Ангеловска, пак, демантира дека на каков било начин ѝ се прават опструкции на заменик-министерката Димитриеска-Кочоска.
Според Ангеловска, испратениот мејл од кабинетот содржи процедура за работа, а обидот да се претстави како заговор, не е ништо повеќе од обид за политичко поентирање.