Државната изборна комисија денеска ќе организира симулација на безбедно гласање со примена на мерките за заштита од ковид-19 и здравствените препораки за да прикаже како ќе изгледа гласањето на 15 јули.
Вежбата ќе се спроведе на избирачко место во средното училиште „Јосип Броз-Тито“ и ќе биде симулиран целиот процес – од доаѓање на гласачи, процес на дезинфекција и идентификација и однесување на самите изборни органи и набљудувачи.
Од ДИК велат дека целта на овој настан е да се придонесе за поголема транспарентност и едукација на граѓаните за изборниот процес.
„Почнувајќи од доаѓањето на граѓаните на избирачкото место, чекањето, влегувањето, дезинфекцијата, идентификација, сѐ што е по закон, со посебно напоменување на сите здравствени мерки кои треба да ги почитуваат граѓаните, но и самите изборни органи и домашните и странските набљудувачи“,
најави вчера на седница Борис Кондарко, член на ДИК.
На настанот се поканети медиумите, домашни и странски меѓународни мисии, меѓу кои и мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, претставници на Министерството за здравство, како и претставници на амбасадите. Поканети се и учесниците на изборите, односно политичките партии.