На 8 март 2011 година за првпат во Брисел беа отворени преговорите меѓу Белград и Приштина чија цел беше да се постигне компромисен договор меѓу двете страни, за да се оди напред, пред се кон членството во Европската унија. Десет години подоцна, позициите на двете страни се на иста дистанца, а можниот договор меѓу двете страни и натаму е јасно поставен како клучен услов, без кој нема членство во ЕУ
„Имаме големи очекувања и се надеваме дека овој дијалог ќе овозможи брзо спроведување на решенијата што ќе ги постигнеме заедно во текот на овој процес… Доаѓаме во позитивен дух и со конструктивен пристап. Постојат многу практични прашања на дневен ред и со доволно креативност можеме да ги надминеме разликите“.
Ова се зборовите на Борко Стефановиќ и на Едита Тахири, на тој 8 март пред 10 години. Обајцата беа оптимисти и обајцата сега се веќе поранешни преговарачи во дијалогот меѓу Белград и Приштина., познат и како Бриселски дијалог.
Со подеми и падови, почетокот донесе некои резултати. Клучен чекор напред беше направен во 2013 година – кога тогашните премиери Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, под покровителство на Кетрин Ештон, го парафираа Бриселскиот договор.
Сето ова овозможи интеграција на судството, полицијата и безбедносните служби во косовскиот систем и учество на српската заедница на локалните избори во Косово, но до денес останува неисполнета обврската за формирање на заедница на српски општини. И тоа е речиси сè што може да се каже за резултатите од дијалогот.
„Постигната е една доза на нормализација, луѓето од Косово можат да патуваат во Србија и преку Србија во земјите на ЕУ, Србите исто така можат да патуваат од Србија до Косово…Белград сака да ги контролира косовските Срби, а не да им помага да се интегрираат… Тој ги релаксираше односите меѓу Белград и Приштина во насока на избегнување на некои неконтролирани конфликти или непредвидени ситуации на теренот…“,
се дел од коментарите на абалитичарите на состојбата денес, споредувајќи ја онаа пред 10 години.
Дијалогот го презеде Лајчак
Денес, пред ЕУ, дијалогот го води словачкиот политичар Мирослав Лајчак, кој тврди дека може да се постигне договор за неколку месеци, доколку има политичка волја.
Позициите се следни: Србија инсистира да се формира заедница на српски општини пред каков било напредок, додека новата политичка администрација на Косово предупредува дека дијалогот со Србија не е меѓу нивните главни приоритети.
Продолжението на дијалогот беше помпезно најавено минатата година, по паузата предизвикана пред се од воведувањето на 100-процентни даноци за српските производи на Косово. Но, од тогаш се случи малку.
Главниот преговарач на Србија е сменет, владата на Косово е сменета, назначен е специјален претставник на ЕУ за дијалог, а промените стигнаа до администрацијата на Вашингтон. Како сето ова ќе влијае на продолжувањето на дијалогот ќе се дознае во мај, кога неформално се најавува состанок на највисоко ниво.