Британскиот премиер Борис Џонсон, по убедливата победа на неговата Конзервативна партија на вчерашните избори, порача дека неговите конзервативци „освоија силен нов мандат за Брегзит да се спроведе до самиот крај“.

„Сметам дека ќе се покаже дека ова беа историски избори кои ни дадоа шанса, во новата влада, да ја испочитуваме демократската волја на британскиот народ“, истакна Џонсон утрово на прес конференција.
Тој наведе дека тоа е и шанса Велика Британија да се промени на подобро и да дојдедо израз потенцијалот на сите луѓе во земјата.
„Пред се, сакам да им се заблагодарам на луѓето кои излегоа на декемвриските избори кои не сакавме да ги распишеме, но кои, сметам дека станаа историски“, изјави Џонсон, пренесуваат британските медиуми.
Според последните податоци на Би-би-си, Конзервативната партија освои 364 мандати во 650-члениот парламент, додека Лабуристичката партија 203.
Резултатите од изборите се уште се бројат, а „Политико“ оценува дека овој резултат претставува голема лична победа на Џонсон и значи дека Велика Британија сигурно ќе ја напушти ЕУ, на крајот на јануари.
Ова е најголема победа на ториевците во последните 30 години, а подобар резултат освои само „железната лејди“ Маргарет Тачер, на изборите во 1983 година со 397 мандати, пишува „Гардиан“.

Лидерот на британската Лабуристичка партија, Џереми Корбин, изјави дека нема да ја предводи оваа партија на следните избори по „многу разочарувачката ноќ“. Корбин порача дека ќе остане на чело на партијата во текот на процесот на размислување за резултатите од вонредните парламентарни избори, кои, како што наведува Би-би-си, се најлошите што лабуристите ги оствариле од 1935 година досега.
„Ова очигледно е многу разочарувачка ноќ за Лабуристичката партија, со резултатите што ги добивме. Нема да ја предводам партијата ни во каква идна предизборна кампања“, рече Корбин.
Тој додаде дека Брегзит ја поларизира и подели дебатата во Велика Британија и дека ја поништи „толку нормалната политичка дебата“.
„Признавам дека тоа придонесе за резултатите кои Лабуристичката партија ги оствари вечерва ширум земјата“, рече Корбин.
Според моменталните резултати, лабуристите освоија 8 отсто гласови помалку, додека конзервативците 1 отсто повеќе, што укажува на подем на помалите партии.
Лидерката на Шкотската национална партија Никола Штергеон, рече дека ова било „исклучителна ноќ“ за нејзината партија.
Според неа, Шкотска испратила „многу јасна порака“ дека не поддржува конзервативна влада на Борис Џонсон, а премиерот нема мандат да ја извади Шкотска од ЕУ.
Исто така, таа кажа дека гласовите биле „силно одобрување“ за Шкотска да има избор за сопствената иднина на друг референдум за независност.