„При вршење на моите должности не сметам дека сум прекршил нешто, останатото или другото е прашање на јавноста“, рече собранискиот спикер Талат Џафери за објавената аудиоснимка на која се слуша неговото обраќање со пцости кон вработените во собраниските служби
Во таа насока, Џафери рече дека се лаже некој ако мисли дека ќе ја пушти службата работното време да го помине на улица ‘Македонија’. Од нив, рече Џафери, барам да бидат на работното место онолку колку што е пропишано, односно осум часа
Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска изјави дека не чувствува потреба да им се извини на вработените во собраниските служби за кажаните зборови што се слушнаа на Собранискиот канал по завршување на седницата пред две недели.
Меѓу другите надлежности, вели Џафери коментирајќи ја снимката, е и да ја следи работата на службата и да создаде услови за нејзина работа.
„Јас немам објаснување за тоа. Јас сум претседател на Собранието и со Деловникот е пропишана мојата надлежност. Меѓу другите надлежности е да ја следам работата на службата. Покрај тоа, треба да создадам услови и предуслови за работа на службата. Ако некој мисли дека службата треба работното време да го помине на улица ‘Македонија’, претпоставувам дека граѓаните не посакуваат таква служба, ниту во Собранието ниту во која било институција“,
рече Џафери на денешната средба со медиумите.
Џафери посочи дека раководството на Собранието ги направило сите предуслови за создавање соодветни услови за службата – и статусно, и материјално, и институционално, а додаде и дека според закон собраниски службеник има повисока плата за 20 отсто во однос на своите колеги од други институции, па следствено на тоа посочи дека од нив очекува да бидат на своите работни места онолку колку што е пропишано.
„Ако некој мисли дека ќе ја пуштам службата работното време да го помине на улица ‘Македонија’, се лаже. Не барам ни помалку ни повеќе. Да бидат на свое работно место колку што е пропишано, осум часа треба да се на работното место“,
потенцира Џафери потсетувајќи дека минатата година била извршена и набавка на 100 компјутери за службата.
Меѓу другото, собранискиот спикер апелираше до пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да води сметка за она што го направиле и за она што кажале за направеното.
„При вршење на моите должности не сметам дека сум прекршил нешто, другото е прашање на јавноста“,
рече Џафери на брифингот со новинарите.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го оцени како скандалозен и примитивен односот на Талат Џафери и побара оставка на собранискиот спикер веднаш откако пред две недели во јавноста излезе снимка на која се слуша гласот на Џафери како им се обраќа на вработени во собраниските служби.
Според опозицијата, снимката е и доказ зошто мора да се одржат предвремени парламентарни избори, а актуелната власт да замине во опозиција.